Грција го задржа второто место во светот со најдобри плажи, дури 623 се со „Сино знаме“

Меѓународната награда за квалитет „Сино знаме“ оваа година ја добија 623 грчки плажи, 17 марини и 17 туристички јахти, со што Грција ја задржа втората позиција меѓу 52 земји од целиот свет по сини знамиња за квалитетот на водата за пливање, заштитата на животната средина, организацијата и безбедноста на посетителите, јави дописничката на МИА од Атина.

Грчкото друштво за заштита на природата што воедно и организацијата која управува со меѓународната програма „Сино знаме“ соопшти дека во Грција континуирано се зголемува бројот на наградени места, а и ова година наградите се над 600.

Од вкупно 52 земји учеснички во програмата, Грција има 15 отсто од наградените плажи.

Регионот Крит го задржува првото место меѓу регионите со 153 знамиња, а Халкидики е на првото место меѓу грчките префектури со 93 знамиња.

Во програмата право на учество имаат организирани плажи, марини и јахти, а за да се добие наградата потребно е да се исполнат строги критериуми што се однесуваат на квалитетот на водата, безбедноста на посетителите, квалитетот на услуги, заштита на животната средина итн.

Оваа година, Меѓународниот комитет наградил 4.302 плажи, 736 марини и 158 туристички јахти од целиот свет, а според наградите, на прво место е Шпанија, втора е Грција, а трета Турција. 

Зачлени се на нашиот е-билтен