Пожарот во облакодерот „Вјесник“ во Загреб, кој и утрово продолжува да гори по целоноќната драма, започнал од горните катови, но пожарникарите кои се качиле на петнаесеттиот кат утврдиле дека под нив веќе беснее втор, уште посилен пожар. Ова го потврди командантот на загрепската противпожарна служба, Синиша Јембрих, за Хрватското радио, пренесува „Индекс“.
„Слушнав гром, а потоа видов пламен“
Жителот на блиската зграда, Илија од Загреб, раскажал дека најпрво помислил дека се работи за удар на гром.
„Слушнав дека удри гром, а кога погледнав надвор, видов дека гори. Прво гореше на врвот, а потоа се спушташе на долните катови. Мислам дека се работи за инсталациите, но којзнае… ќе се сруши“, изјавил тој.
Пожар низ вертикалата – можен дефект на инсталации
Јембрих нагласил дека огнот избиел на повеќе места истовремено, што според експертите е типично за дефект на електрични или вентилациски инсталации. Пожарникарите морале да се повлечат и да гаснат однадвор поради опасноста од влегување во областите каде што под нив горел пламен.
На терен се речиси 100 пожарникари. Дел од фасадата паѓа, а термокамерите покажуваат дека пожарот и понатаму се шири во одредени делови на објектот. На лице место се и статичари кои ќе ја проценат стабилноста на конструкцијата.
Пожарникари за „Индекс“ изјавиле дека внатрешноста на облакодерот е целосно уништена.
„Облакодерот е дрвен одвнатре“
Сведокот Крунослав од Загреб, кој работел во зградата речиси три децении, вели:
„Облакодерот е дрвен одвнатре, но многу убав. Тажно е што се случи ова.“
Одговорноста е на државата, вели новинарка
Хрватската новинарка Иванка Тома во колумна за „Јутарни лист“ оцени дека причините не се само технички, туку и системски.
„Точниот причинител ќе се утврди, но не се потребни ниту истраги ниту вештаци. Државата, како мнозински сопственик, е одговорна што оваа зграда 20 години е препуштена на забот на времето“, пишува таа.
Зградата ќе биде предмет на форензичка анализа
Полицијата соопшти дека пожарот сѐ уште не е целосно изгаснат и дека следува детална форензичка и статичка анализа на објектот.
Република Хрватска е ко-сопственик на деловниот комплекс „Вјесник“. Делот што бил зафатен од пожар служел за складирање архиви, додека просториите што ги користи Министерството за просторно планирање останале непогодени од огнот.

