Хрватска пред предизвик: Да се спречи националистичкиот бран или да ги затвори очите

Навивачи на ФК Хајдук од Сплит, од групатра наречена „Торцида“

Инцидентот во Сплит, во кој група од околу педесет маскирани млади мажи го прекинаа отворањето на Денот на српската култура со усташки скандирања, е симптом на наглото свртување на Хрватска кон десно во последните месеци.

Така ја толкуваат аналитичарите познавачи на регионалните процеси и посебно на трендовите во Хрватска.

Интересен е фаустовскиот, дијаболичен симболизам ноќта кога навивачките хулигани за кои се претпоставува дека се од таканеречена „Торцида“ (навивачи на ФК Хајдук). Додека во раните вечерни часови на 3 ноември, политичката и општествената елита на Загреб се собра во центар на градот за присуствува на церемонијата на отворање на втората сцена на Хрватскиот народен театар, ХНК 2, во Сплит, во градскиот округ Блатина-Шкрапа, околу педесет хулигани облечени во црно, се заканија со насилство и ја спречија изведбата на фолклорните и драмските ансамбли кои беа дел од отворањето на Денот на српската култура во Сплит.

И додека елегантната публика во Загреб аплаудираше на танцовите, драмските и оперските претстави како дел од соодветната програма за отворањето на новата сцена на тој „храм на хрватската култура“, во Сплит, агресивна толпа, извикувајќи го усташкиот поздрав „За дом спремни“ и пцуејќи „српско ѓубре“, ја спречи планираната културно-уметничка програма, ја растера публиката и ги принуди изведувачите, вклучувајќи ги и оние од Нови Сад, да бараат безбедност бегајќи во автобусите.

Одговорност се бара во врвот на државата

Во првата реакција премиерот Андреј Пленковиќ напиша на својот X канал дека „го осудува инцидентот на најсилен можен начин“ и очекува надлежните органи да ги гонат одговорните „што е можно поскоро“. „Ексклузивноста или која било форма на нетолеранција кон националните малцинства нема место во хрватското општество“, напиша премиерот.

И на вонредната прес-конференција, тој додаде дека станува збор за „непријатен инцидент“ во кој „очигледно учествувале членови на навивачката група“. Тој исто така рече дека „уличниот закон нема место во Хрватска“ и дека таков чин нема никаква врска со заштитата на достоинството на војната и ветераните. Покрај тоа, Пленковиќ нагласува дека неговата влада не толерира ревизионизам и усташи и дека ги отфрла таквите обвинувања.

Но, Весна Тершелиќ, раководителка на Документа – центар за справување со минатото, ја гледа одговорноста за создавање клима што фаворизира ксенофобија и агресивна ексклузивност во политичките и општествените постапки на некои од највисоките претставници на државата.

„Болно е да се гледа како просторот на слободата се стеснува во Хрватска. Вчерашниот напад е сериозно дополнително предупредување дека Хрватска не се соочила со минатото и дека во моментов институциите не се способни, а се прашувам и дали се спремни, да го гарантираат просторот на слободата, слободата на изразување, креативноста, медиумската и научната слобода на сите што живеат во Република Хрватска“, изјави Тершелиќ за Дојче Веле.

Како што додава та, процесот на релативизирање на минатото и усташкиот симбол е на дело, што трае веќе долго време, „но овој последен период е најпроблематичниот период досега. И тука ја гледам директната одговорност на премиерот“.

Свртување на Хрватска кон десно

Сепак, овој инцидент во Сплит не се појави од никаде. Јурица Павичиќ, новинар и писател од тој град, кој неодамна самиот беше цел на напади од десницата поради неговите критички и либерални ставови, во интервју за Дојче Веле истакнува дека настанот во Сплит е само дел од мозаикот на десничарската радикализација што се одвива особено интензивно во Хрватска од јули после концертот на Томпсон во Загреб.

„Таму имаше маса луѓе, а усташката и неонацистичката иконографија беше многу присутна. Пред таа миса, умерено конзервативната влада се поклони пред концертот. Пленковиќ отиде да му се поклони на Томпсон пред концертот, четворица министри беа на концертот. Владејачката ХДЗ се обиде да го опколи своето десно крило за да не изгуби гласови таму. И тогаш пожарот излезе од контрола“, вели Павичиќ.

Тој концерт беше еден вид почетен сигнал за екстремно десничарска позиција која се обидува целосно да доминира и во политичкиот и во општествениот живот. Во текот на летото имаше неколку – успешни и неуспешни – акции на здружението на ветерани за да се спречи културен фестивал. Беа напишани закани и пароли на омраза на зградите каде што живеат истакнати писатели како Миљенко Јерговиќ и Јурица Павичиќ, а пред неколку дена во Парламентот беше организирана скандалозна ревизионистичка тркалезна маса на тема „Научен пристап кон истражувањето на жртвите од Јасеновац“ организирана од десничарските партии ДОМиНО и хрватските суверенисти. Основната теза на тркалезната маса беше: Јасеновац воопшто не бил логор на смртта, туку работен логор.

Според Јурица Павичиќ, веќе некое време е видливо јасно општествено поместување кон десно и дека пораснала помлада генерација, која, вели тој, е формирана од исклучително проблематични хрватски институции.

„Навивачите од трибините на стадионот или скинхедсите се помал проблем, а поголем проблем е што оваа атмосфера доминира во општествените столбови, од Матица Хрватска, до Академијата на науките и уметностите, од Универзитетот до Државното обвинителство, вклучувајќи ја и Црквата, која во Хрватска е исклучително ревизионистичка. Дел од таа слика се и ветеранските организации кои се претворија во лоша копија на СУБНОР од времето на доцниот социјализам, кога беше ретроградна кочница на општеството“, оцени Павичиќ за ДВ.

Погрешна проценка од Пленковиќ

Во исто време, додава Павичиќ додава, Пленковиќ не е оној кој активно работи на афирмирање на таа атмосфера на нетолеранција и ексклузивност. Неговата одговорност лежи првенствено во неактивноста, во пасивноста. „Мислам дека лично за него е одвратно, но постои комбинација од опортунизам, кукавичлук и чувство дека целиот политички моментум се поместил надесно.“

Ова ги води Пленковиќ и луѓето околу него кон пасивност, што, според Павичиќ, е погрешна проценка: „Секаков вид десничарска популистичка револуција во Хрватска не може да биде комплетна без елиминирање на Пленковиќ како политички фактор. Тој е токму сам по себе симбол на она што тие го презираат, но не се однесува како да го разбира, туку како да е закана за другите.“

Досега, изразите на нетолеранција и ексклузивност најчесто завршуваа со закани и заплашување, но агресијата и атмосферата на насилство се во воздухот. Зборувајќи за можноста за директно насилство, Павичиќ вели: „Да, можно е. Не би ме изненадило.“

Зачлени се на нашиот е-билтен