Грчката влада донесе одлука да ја затвори Агенцијата за администрирање и распределба на земјоделските субвенции од Европската Унија, поради откриени финансиски измами вредни стотици милиони евра и случаи на корупција. Владата најави дека нејзините надлежности ќе бидат пренесени на Независната агенција за јавни приходи (AADE).
Според грчкиот весник „Екатимерини“, агенцијата ОПЕКЕПЕ, која функционира од 2001 година, со години е предмет на истраги поради финансиски скандали и прекршувања на европските регулативи, вклучително и незаконски исплати на субвенции.
Европската канцеларија за борба против измами (OLAF) во март 2024 година ги информираше грчките власти за сериозни нерегуларности во распределбата на европските субвенции. Европскиот јавен обвинител (EPPO) откри дека субвенции биле доделувани на лица кои не исполнувале никакви услови за земјоделска дејност – ниту обработувале земја, ниту чувале добиток.
Исплатите биле извршувани врз основа на фиктивни договори за сопственост и закуп, како и лажни податоци за локацијата и големината на земјоделските површини. Во некои случаи, како што наведуваат извештаите, шумски и карпести терени, па дури и парцели на територија на соседна Република Северна Македонија, биле пријавувани како обработливо земјиште. Во тие случаи, субвенциите или биле исплатувани на неовластени лица, или воопшто не стигнувале до вистинските корисници.
Кризата ескалираше пред околу две недели, кога истражители од EPPO, со поддршка на грчката полиција, извршија рација во просториите на агенцијата. Дел од вработените одбиле да соработуваат и во неколку наврати биле агресивни кон европските службеници, објави бизнис весникот „Нафтемборики“. Веднаш потоа, директорот на агенцијата, Николаос Салатас, беше разрешен од функцијата.
Салатас и голем број вработени во ОПЕКЕПЕ се под истрага поради незаконски исплати на субвенции, а кривични пријави се поднесени против околу стотина земјоделци кои, според наводите, меѓу 2019 и 2022 година нелегално прибавиле вкупно 2,9 милиони евра.
Грчките медиуми посочуваат дека повеќе од 80 отсто од спорните субвенции биле распределени на островот Крит, поради што истражителите спровеле интервјуа и во седиштето на агенцијата во Атина, но и во нејзините канцеларии на Крит и други градови.
Истражувањата досега открија дека од 2017 година наваму, ОПЕКЕПЕ незаконски исплатил околу 170 милиони евра. Само во 2023 година, околу 87 милиони евра легитимни субвенции не биле исплатени на вистинските корисници, а нераспределените средства биле вратени во буџетот на Европската унија во декември.
Поради овие нерегуларности, Грција во изминатите години се соочуваше со чести казни и санкции од страна на европските институции.
Како одговор на ситуацијата, Владата најави затворање на ОПЕКЕПЕ и целосен трансфер на нејзините функции кон AADE – институција што има релативно добри резултати во справување со корупција и управување со јавни приходи.
Околу 520 вработени од поранешната агенција ќе бидат префрлени во AADE, под услов против нив да не се води кривична постапка.