Граѓани и студенти, кои бараат ослободување на активисти кои се во притвор веќе два месеца, утрово ги блокираа судските згради во Нови Сад и Ниш, а најавени се протести и во Белград и Крагуевац.
Пред зградата на судот и обвинителството во Нови Сад, пред осум часот утрово, имаше турканица со полицијата која се обидуваше да им овозможи на вработените да влезат.
Интервентната единица не им дозволи на вработените во судот да влезат, по што беа распоредени голем број припадници на жандармеријата. Солзавец бил фрлен врз граѓаните кои биле во првите редови, изјави студент за Н1.
Сите три влеза во зградата се блокирани, а припадници на интервентната полиција и жандармеријата и полицијата се на влезовите. Блокадата на судот и обвинителството во Нови Сад е најавена до 16 часот. Присутни се голем број граѓани, како и жандармеријата. Собраните бараат ослободување на активистите кои се притворени во затвор.
Пред зградата на судот и обвинителството во Нови Сад утрово се собраа студенти и граѓани, барајќи ослободување на активистите на организацијата СТАВ и ПСГ, кои се притворени во затвор веќе два месеца, а чиј притвор синоќа беше продолжен за уште 30 дена.
Шест активисти и студенти на опозициското Движење на слободни граѓани (ПСГ) и организацијата Студенти против авторитарната власт (СТАВ) се во притвор веќе 60 дена откако беа обвинети за обид за соборување на уставниот поредок.
Уште шест активисти на СТАВ се обвинети за истото кривично дело, но тие се во странство.
Сите се обвинети врз основа на аудио-снимка од нелегално прислушуван разговор, која беше емитувана на телевизии на 14 март.
Адвокатите на одбраната на обвинетите укажуваат дека Безбедносно-информативната агенција (БИА) нелегално го прислушкувала разговорот и додаваат дека аудио-снимката не може да биде правно валиден доказ во тој процес.
Блокадата на Основниот суд во Ниш заврши утрово откако одред на полицијата и жандармеријата го опколи влезот во зградата, додека студентите мирно се повлекоа.
Нишките студенти кои од синоќа ја блокираа зградата на Основниот суд во Ниш, утрово по пристигнувањето на полицијата, се упатија кон зградата на МВР на Србија во тој град. зш/
фото Скриншот