Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

„Инженерите нема да молчат“ – Студентите огорчени поради објавите на „потерници“ на социјалните мрежи во Србија

Студентите од Факултетот за технички науки во Белград изразија загриженост и огорченост поради новиот бран застрашувања преку објави на „потерници“ на социјалните мрежи. Новата листа, која содржи имиња, фотографии и лични податоци на 12 студенти, е дополнување на слична листа објавена ден претходно, со 11 имиња.

„Овие објави, кои наликуваат на потерници, претставуваат сериозно нарушување на нашата приватност и безбедност. Таквите акти се спротивни на Уставот, Законот за заштита на личните податоци и Кривичниот законик на Србија. Насилството и застрашувањето врз студентите не смеат да се толерираат,“ изјавија студентите во соопштението.

Студентите порачаа дека ваквите обиди за заплашување нема да ги одвратат од нивната борба против неправдата. „Имаме информации за тоа од каде потекнуваат фотографиите и кој ги креира овие листи. Знаеме дека некои од лицата се поврзани со Факултетот за технички науки. Го повикуваме деканот Борис Думниќ да преземе одговорност и да ја истражи оваа ситуација пред да бидеме принудени да изнесеме повеќе детали јавно,“ порачаа студентите.

Тие категорично негираат постоење на „организатори“ на блокадите што се одвиваат на факултетот, истакнувајќи дека тие се резултат на колективна одлука. „Издвојувањето на поединци како наводни организатори е манипулација со цел неосновано таргетирање и загрозување на безбедноста на студентите.“

Студентите посочуваат дека ваквите инциденти не се изолирани и дека се дел од континуирана кампања против нив. Тие инсистираат дека ќе продолжат да се борат за своите права и ќе стојат цврсто против секој обид за заплашување или замолчување.

Во меѓувреме, повеќе од 1.500 универзитетски професори во Србија ги поддржаа студентите со јавно писмо, изразувајќи загриженост за нивната безбедност и осудувајќи ги обидите за заплашување преку објавување на лични податоци и ширење невистини. Професорите апелираа до надлежните органи да го извршуваат своето работење совесно и одговорно.

Покрај тоа, студентите добиваат поддршка и од други универзитети во Србија, како и од студенти од Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија и Полска, кои изразуваат солидарност преку разни облици на акција, писма за поддршка и јавни изјави.

Зачлени се на нашиот е-билтен