Испораката никогаш побрза: Роботи во Србија сортираат 2.500 пратки на час

Роботи во Главниот поштенски центар во Крагуевац од денес автоматски сортираат по 2.500 пратки на час, соопшти Поштата на Србија. Тоа, како што најавија од институцијата, ќе овозможи најмалку тројно побрза достава до корисниците, но и поефикасно сортирање на пратки за поштенските единици во околните градови.

Крагуевац со ова станува пилот-град за примена на вештачка интелигенција и роботика во јавните сервиси.

„Околу 900 милиони динари инвестиравме во роботи. Цврсто верувам дека вложувањето ќе се исплати – ќе ги забрза процесите и ќе го зајакне техничкиот, технолошкиот и човечкиот капацитет на Поштата,“ изјави вршителот на должност директор на Пошта Србије, Зоран Анѓелковиќ, кој го иницираше овој проект пред една година со цел да се надмине дотогашното рачно сортирање.

Поштенски роботи и во други градови

Анѓелковиќ најави дека вакви системи се веќе активни во Ниш, а во тек е отворање на логистички центри и во Белград и Нови Сад. Тој додаде дека Поштата работи и на развој на нови услуги, како мрежата од автоматизирани пакетомати, заеднички поштенски сандачиња и дигитална достава во соработка со ресорното министерство.

Министерката за државна управа и локална самоуправа, Снежана Пауновиќ, изјави дека „јавните претпријатија во Србија чекорат во и пред глобалните трендови“ и оти системот напредува побрзо од очекуваното за една „мала земја“.

Паметни решенија за „паметен град“

Министерот за информирање и телекомуникации, Борис Братина, рече дека му е чест да присуствува на церемонијата во Крагуевац, каде „се гледа дека индустријата навистина го отсликува човечкиот потенцијал и можноста за практично неограничен развој“.

Градоначалникот Никола Дашиќ истакна дека Крагуевац е вториот град во Србија каде што започна роботизацијата на поштенските процеси, додавајќи:

„Крагуевац со примена на вештачка интелигенција и роботика ќе стане пример за паметен српски град, а ваквите решенија ќе ги применуваме и во другите градови.“

Директорот на Канцеларијата на Владата за ИТ и е-Управа, Михајло Јовановиќ, порача:
„Во Крагуевац конкретно покажуваме како науката, новите технологии и вештачката интелигенција можат да придонесат за економскиот раст на Србија и напредокот на општеството во целина.“

Зачлени се на нашиот е-билтен