Изборен „Див Запад“ во Косјериќ и Заечар: Гласање без документи, заплашувања и паралелни списоци

Набљудувачката мисија на CRTA алармира за сериозни изборни нерегуларности во Косјериќ и Заечар, опишувајќи ја атмосферата на гласачките места како вистински изборен „Див Запад“. Фотографирање гласачки ливчиња, паралелни записи, гласање без валидна идентификација и притисоци врз набљудувачи се само дел од неправилностите забележани од мисијата за време на изборите во неделата.

Во Косјериќ, CRTA евидентирала дека на 14% од гласачките места граѓаните не гласале лично, биле водени неофицијални записи и биле фотографирани ливчињата. Присуството на сомнителни возила околу 40% од гласачките места дополнително ја засилува сликата за организирана контрола над изборниот процес. На едно од пет места, УВ ламбите и спрејот не биле воопшто користени, а на 14% биле забележани групирања на луѓе во близина на местата за гласање – индикатор за можна изборна корупција.

Ниту Заечар не помина подобро – таму, на дури една третина од избирачките места, гласачите ги фотографирале своите ливчиња зад параван, што е директно кршење на тајноста на гласањето. Паралелни списоци биле водени на 26% од локациите, а на 14% граѓаните гласале без личен документ или нивните имиња не биле пронајдени во избирачкиот список.

Според извештајот, на 12% од избирачките места во Заечар биле регистрирани напади или закани кон набљудувачи на CRTA, додека на некои места биле евидентирани и до девет различни видови прекршувања.

Директорот на програмата на CRTA, Раша Недељков, во гостување за Нова С посочи дека CRTA поднела пријави до полицијата за закани и вознемирување на нивните набљудувачи, вклучително и телефонски заплашувања. Тој истакна дека целата стратегија на изборниот ден се состоела од „системско прикривање во избирачките места, додека вистинскиот притисок се вршел надвор“.

Особено загрижувачка била улогата на таканаречените „квази-набљудувачки мисии“, кои, според CRTA и медиумски истражувања, биле поврзани со владејачката Српска напредна партија. На дури 70% од избирачките места во Косјериќ, тие лица отворено се мешале во работата на избирачките одбори и давале инструкции.

Иако претседателот Александар Вучиќ во неделата вечерта ја прогласи победата на Српската напредна партија во Заечар и „тесен“ резултат во Косјериќ, опозицијата не ги признава резултатите, повикувајќи се токму на масовните нерегуларности документирани од CRTA.

„Ова не се фер и слободни избори. Изборниот процес не е завршен додека не се разгледаат сите приговори и не се објават конечните резултати“, рече Недељков, додавајќи дека CRTA се води исклучиво од факти и работи во јавен интерес, без политички калкулации.

Зачлени се на нашиот е-билтен