На парламентарните избори во Србија до 17 часот гласале 63 проценти од запишаните избирачи, според процената на Ипсос што ја пренесува „Телеграф“. Големиот одѕив веќе се приближува до вкупната излезеност на претходните избори, додека граѓаните продолжуваат да пристигнуваат на гласање.
Долги редици во текот на денот беа забележани во Белград, Нови Сад, Ниш и други градови, кои уште траат. Голем интерес има и во дијаспората, каде што репортерите известуваат за колони пред дипломатско-конзуларните претставништва.
Гласањето трае до 20 часот. Право да гласаат ќе имаат и граѓаните што во тој момент ќе се затекнат на избирачкото место или во редот пред него.
