Јадранот под закана: Летувалиштата се дават во канализација, туристите заминуваат разочарани

Од Истра до Бока Которска, сликата ова лето е далеку од разгледница. Туристичкиот рај на Јадранот се соочува со тивка, но сериозна закана – канализациските води кои се слеваат директно во морето и низ улиците на приморските градови, оставајќи зад себе неподнослив мирис и здравствени ризици.

Сцената е слична во повеќе дестинации: во некои места водата на плажите е со необична боја, во други улиците мирисаат на отпадни води кои излегуваат од преполнети септички јами или нефункционални канализациски системи. Туристите, наместо уживање во сонце и море, се соочуваат со смрдеа, загадени заливи и затворени плажи.

Мештаните сведочат дека проблемот трае со години, но оваа сезона е најкритична поради големиот број посетители. Во многу приморски населби канализациската инфраструктура е застарена, а во некои места воопшто и не постои. Во екот на сезоната, системите не издржуваат, па отпадните води завршуваат таму каде што не треба – во морето и на улиците.

„Ова не е само прашање на туризмот, туку и на јавното здравје. Загадената морска вода носи ризик од ширење на зарази, кожни инфекции и труења,“ предупредуваат локални активисти од Хрватска, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Иако на повеќе локации се најавува изградба или модернизација на канализациската мрежа, реализацијата е бавна, а туристичката сезона не чека. Гневни жители тврдат дека властите често го премолчуваат проблемот за да не ја нарушат туристичката слика, но социјалните мрежи се веќе преплавени со видеа и фотографии од загадени плажи и смрдливи улички.

Ако не се преземат итни мерки, Јадранот ризикува да ја загуби својата најголема предност – кристално чистото море и реномето на медитерански рај. Туристите, наместо да се враќаат, би можеле да бараат алтернатива во други, почисти дестинации.

Зачлени се на нашиот е-билтен