Јанаф очекува зелено светло од САД за продолжување на испораките кон НИС

Јадранскиот нафтовод (Јанаф), кој ѝ испорачува нафта на Нафтената индустрија на Србија (НИС), верува дека Канцеларијата за контрола на странски средства при Министерството за финансии на САД (OFAC) ќе ја одобри потребната лиценца за НИС да продолжи со работа.

Ситуацијата во Србија е напната: претседателот Александар Вучиќ вчера изјави дека доколку НИС не ја добие американската лиценца до крајот на денешниот ден, земјата ја очекуваат „тешки денови“. Според него, тоа би значело целосно запирање на работата на рафинеријата, а од понеделник ниту една банка не би работела со компанијата. Вучиќ процени дека шансите за добивање на лиценцата се 40%, а 60% дека Вашингтон ќе даде негативен одговор.

Во Хрватска, меѓутоа, преовладува поголем оптимизам. Како што пренесува РТЛ, Јанаф ангажирал адвокати во САД и уверено очекува позитивна одлука. Членот на Управата на Јанаф, Владислав Веселица, изјави дека и хрватската компанија мора да добие лиценца за да може да работи во рамки на истиот процес и дека затоа „Јанаф апсолутно ќе знае“ кога ќе биде донесена конечната одлука.

Според компанијата, снабдувањето со нафта кон Србија може да продолжи веднаш штом ќе биде одобрена лиценцата. „На оперативно ниво сме подготвени, тимовите на Јанаф и НИС се во координација“, рече Веселица.

РТЛ исто така јавува дека OFAC би требало да ја донесе конечната одлука до крајот на денот. Според незофицијални информации, Стејт департментот веќе дал позитивно мислење, што ја зголемува веројатноста за продолжување на работата на НИС.

Веселица објасни дека транспортот на нафта за НИС носи околу една третина од приходите на Јанаф и дека евентуалните санкции би имале последици врз финансиските резултати. Сепак, додаде дека Јанаф е „сериозна компанија“ која има изработено стрес-тестови за вакви ситуации.

Зачлени се на нашиот е-билтен