Црна Гора напредуваше на својот европски пат, изјави високата претставничка на Европската унија (ЕУ) за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас, на прес-конференција со премиерот Милојко Спајиќ во Подгорица, пренесува Радио Слободна Европа.
Таа посочи дека треба уште многу да се направи и дека фокусот треба да остане на реформите.
„Ја поздравувам посветеноста затоа што се потребни реформи за пристапниот процес. Знаеме дека нема кратенки, треба да се спроведат реформи. Го поздравувам договорот со опозицијата што му овозможува на Собранието да продолжи со работа“, рече Калас.
Една од темите беше безбедноста.
Мораме да ја зајакнеме соработката во таа област бидејќи живееме во турбулентни времиња“, рече Калас.
Таа изрази благодарност што Црна Гора ја поддржува резолуцијата на ОН за Украина и што го почитува нејзиниот територијален интегритет:
„Многу е важно да се држиме до тие вредности. Знаеме дека можеме да сметаме на поддршката од Црна Гора.
Премиерот Спајиќ рече дека минатата година била најуспешна во однос на евроинтеграциите на Црна Гора.
„Црна Гора нема дилеми, Европската унија (ЕУ) е нашиот стратешки пат и нема ништо што би не одвратило од него“, рече Спајиќ.
Тој истакна дека Црна Гора е лидер во процесот на евроинтеграциите.
„Се надевам дека оваа година ќе затвориме повеќе поглавја од преговорите со ЕУ. Минатата година беше многу успешна. Ви благодариме за поддршката и за се што правите за нас“, рече Спајиќ.
Калас со посетата на Подгорица ја започна официјалната посета на дел од земјите од Западен Балкан.
По Подгорица, Калас во Цетиње ќе разговара со претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, за односите меѓу ЕУ и Црна Гора, стратешките правци на земјата и напредокот во процесот на пристапување кон Унијата.
Шефот на дипломатијата на ЕУ, како што е најавено, ќе разговара и со амбасадорите на земјите членки на ЕУ, а ќе оствари и средба со претставници на граѓанското општество во Подгорица.
Најавено е дека Калас на воениот аеродром во Подгорица ќе ја претстави поддршката на ЕУ во областа на одбраната и безбедноста, а во присуство на министерот за одбрана Драган Краповиќ ќе и додели пакет поддршка на армијата на Црна Гора од Европскиот фонд за мир.
Црна Гора речиси 13 години преговара за пристапување со Европската унија. Досега, од вкупно 33 поглавја, таа има затворено шест.
На јунскиот состанок на Меѓувладината конференција во Брисел се очекува да бидат затворени уште неколку поглавја. До крајот на годината, според најавите на главниот преговарач со ЕУ, Предраг Зеновиќ, би можело да се затворат дури девет поглавја.