Ќе го спаси ли српското државјанство Милорад Додик

Надлежните органи во Босна и Херцеговина ја започнаа процедурата за распишување на меѓународна потерница за Милорад Додик и Ненад Стевандиќ. Додик во моментов се наоѓа во Израел, а се чека одговор од Интерпол.

Судот на Босна и Херцеговина издаде наредба за распишување на меѓународна потерница за претседателот на Република Српска, Милорад Додик, и за претседателот на Народното собрание на РС, Ненад Стевандиќ. Оваа потерница е резултат на барањето на Обвинителството на БиХ, кое на 26 март 2025 година достави предлог до Судот.

Во соопштението на Судот се наведува дека Обвинителството го поднело барањето врз основани причини, бидејќи осомничените, користејќи ги своите политички позиции, ги избегнале законските гранични контроли и ја напуштиле територијата на Босна и Херцеговина.

Според достапните информации, Додик во моментов престојува во Израел, додека Стевандиќ, кој претходно ја напушти земјата, се вратил во БиХ на 18 март 2025 година. Поради можноста двајцата осомничени во секој момент да бидат во странство, Судот на БиХ ја издал наредбата согласно Законот за кривична постапка.

Чекање на одговор од Интерпол

Меѓународната потерница формално е испратена до Канцеларијата на Интерпол во Сараево, која ја внесе во системот. Во моментов се чека потврда од Генералниот секретаријат на Интерпол во Лион, без која потерницата не може да стапи на сила.

„Кога Генералниот секретаријат на Интерпол ќе добие барање за распишување на меѓународна, т.н. црвена потерница од Националното централно биро (НЦБ) во Сараево, тие проверуваат дали барањето е усогласено со Статутот и правилата на Интерпол. Ако утврдат дека е во согласност, тогаш ја распишуваат потерницата“, изјави за DW амбасадорот на БиХ во Берлин, Дамир Арнаут. Тој додаде дека досегашните барања од БиХ „речиси без исклучок“ ги исполнувале тие услови.

Додик и Стевандиќ осомничени за напад врз уставниот поредок

Додик, Стевандиќ и премиерот на РС, Радован Вишковиќ, се осомничени за напад врз уставниот поредок на БиХ, а против нив веќе е распишана централна потерница на територијата на државата. Сите полициски агенции во БиХ се должни да постапуваат според таа потерница и да ги приведат осомничените, но апсењата изостанале поради „висок безбедносен ризик“.

Важно е да се напомене дека таканаречената „црвена потерница“ на Интерпол не претставува налог за апсење, туку известување до полициите ширум светот за лица кои се барани на меѓународно ниво. Одлуката за евентуално апсење останува на поединечните земји членки на Интерпол. Во претходни случаи, Интерпол одбивал барања доколку утврдил дека се политички мотивирани или не ги исполнуваат правните стандарди на организацијата.

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, од Израел изјави дека ова е „продолжување на злоупотребата на правосудниот систем на БиХ за политички цели“. Тој ги обвини „Муслиманите од Сараево“ за обидот за инструментализација на Судот и Обвинителството на БиХ. Радован Ковачевиќ, делегат од Клубот на Срби во Домот на народите на Парламентарното собрание на БиХ од партијата СНСД на Додик, оцени дека правосудниот систем на БиХ се користи „како оружје за елиминација на неистомислениците на високиот претставник Кристијан Шмит“.

„Милорад Додик и Ненад Стевандиќ сега се бегалци од законот по кои не трага само полицијата на Босна и Херцеговина“, изјави за DW Драган Миоковиќ, поранешен полицаец и еден од лидерите на Парламентот на Федерацијата БиХ. Тој верува дека Интерпол ќе постапи по барањето на БиХ.

Меѓународните потерници го ограничуваат просторот за маневар

„Напоменувам дека за овие двајца осомничени е распишана потерница поради основано сомнение дека сториле кривично дело загрозување на уставниот поредок, за што е предвидена казна затвор од пет години до долготраен затвор. Ова ја урива секоја теорија за наводна намера за рушење на ентитетот РС или загрозување на статусот на српскиот народ во БиХ“, изјави Миоковиќ.

Тој додаде дека распишувањето на „црвената“ потерница на Интерпол дополнително ќе го ограничи просторот за движење на осомничените и дека на крајот тие ќе бидат лишени од слобода и предадени на Судот на БиХ во блиска иднина.

Државите одлучуваат дали ќе постапат по потерниците

Дури и ако Интерпол ја одобри потерницата и Додик и Стевандиќ бидат ставени на листата на меѓународно барани лица, нивното апсење ќе зависи од земјите во кои ќе се најдат, пишува сараевскиот портал Клиx. Според досегашните искуства, земји како Србија, Унгарија и Израел ќе имаат дискреционо право да одлучат дали ќе ги уапсат или не. Доколку не постапат по потерницата, тие нема да сносат никакви санкции.

Зачлени се на нашиот е-билтен