„Њујорк Тајмс“ објави текст од новинарот Ерик Липтон, во кој се истражуваат намерите на Доналд Трамп и неговото семејство за изградба на луксузен хотел во Белград. По повеќе од една деценија од првичната идеја, плановите сега се блиску до реализација преку сложен договор што ги вклучува инвеститорот од Абу Даби, Мохамед Алабар, и Џаред Кушнер, зетот на Трамп.
Според извештајот, хотелот со брендот „Трамп“ ќе се изгради на местото на поранешното Министерство за одбрана на Југославија, кое беше бомбардирано од НАТО во 1999 година. Оваа локација, напуштена со години, ќе добие нова намена преку проект што комбинира хотел, трговски простор и стамбен комплекс.
Трамп ја презентирал оваа идеја уште во 2013 година, две години пред да започне со својата претседателска кампања. Сепак, проектот бил паузиран, а сега повторно е оживеан благодарение на ангажманот на Џаред Кушнер, кој го презел развојот на проектот откако ја напуштил функцијата во Белата куќа.
Кушнер склучил партнерство со Алабар, познат по развојот на „Бурџ Калифа“ во Дубаи, највисоката зграда во светот. Според договорот, ќе се изгради хотел со 175 соби и луксузни станови, а српската влада, како сопственик на земјиштето, ќе добива дел од приходите. Планот, исто така, вклучува и меморијален комплекс посветен на жртвите од НАТО бомбардирањето.
Проектот доаѓа во време кога Србија активно бара поддршка од САД за зачленување во Европската Унија. Во исто време, Вашингтон врши притисок Белград да ги зајакне односите со Европа и Западот, наместо со Русија, со која Србија има долгорочни економски врски.
„Србија е една од најбрзорастечките земји во Европа, и чест ни е да бидеме дел од нејзиниот развој,“ изјавил Ерик Трамп, синот на Доналд Трамп, кој го потврдил договорот.
Овој проект повторно ги отвори прашањата за можните конфликти на интереси на семејството Трамп. Иако тие имаат објавено етички план кој забранува склучување нови договори со странски влади, проектот во Белград официјално е преку компанија на Кушнер и не вклучува директен договор со српската влада.
Правни експерти, меѓутоа, ова го оценија како пример на недоволно ограничување на приватните бизниси на семејството Трамп, што може да создаде можности за влијание од странски влади.
„Семејството Трамп поставува толку малку ограничувања на своите приватни зделки што тоа овозможува странски влади да го збогатат претседателот, надевајќи се на поволен третман,“ изјави правниот експерт Дипак Гупта.
Проектот е дел од пошироките планови за модернизација на Белград. Покрај хотелот на Трамп, инвеститорите планираат да развијат и трговски и станбени комплекси на локацијата, со цел да го подигнат статусот на градот како значајна европска метропола.
„Овој проект ја потврдува нашата посветеност на позиционирање на Белград како водечки град во Европа,“ изјавил Мохамед Алабар, еден од главните партнери во проектот.