Грците размислуваат за намалување на цените на туристичките аранжмани во Август и Септември заради катастрофалната состојба со туристи оваа година.
Туристичката сезона што најпопуларниот грчки полуостров традиционално ја чека како главен економски мотор годинава тргна „со рачна кочница“. Истражување на агенцијата „Interview“, спроведено за потребите на Комората на Халкидики, покажува дека 63 проценти од локалните бизниси бележат пад на посетеноста во однос на претходните години, а повеќе од половината пријавуваат помало дневно трошење на гостите.
Анкетата опфати 365 фирми од сите големини – од таверни и кафулиња до хотели и продавници – и покажа дека финансиската моќ на туристите е главната причина за „тенката“ сезона, според 41 процент од испитаниците. Цените на сместувањето и угостителските услуги се втори на листата на причинители (29 %), а 16 проценти вината ја лоцираат во политичко-геополитичката нестабилност.
Особено алармантен е падот на домашниот, грчки туризам: дури 69 проценти од бизнисите потврдуваат дека годинава ги има помалку млади семејства и пензионери од Солун и Атина кои традиционално ги полнеа плажите и таверните во автоматик излети за викенд.
„Во супермаркетите и продавниците за готова и брза храна гледаме нагло зголемување на прометот – луѓето купуваат за да јадат во апартманите или гиро или пица наместо да седнат во таверна,“ вели претседателот на Комората, Јанис Куфидис, за атинскиот дневник Етнос. „Од друга страна, класичните ресторани, баровите и бутик-продавниците бележат двоцифрен пад.“
И покрај генералната депресија во прометот, хотелите со пет ѕвезди и објектите со all inclusive работат подобро од лани. „Очигледно има гости што можат да трошат, но се одлучуваат за целосен пакет зад ѕидините на хотелите,“ објаснува Куфидис и посочува на старите проблеми со водоснабдување, нестабилна струја, слаб интернет и натрупано ѓубре во некои летни населби: „Кога туристот ќе види купишта отпад или остане без вода, нема да се врати. Во хотелите тие проблеми се решени.“
Комората оценува дека локалниот бизнис сектор и државниот механизам ќе мора да инвестираат во инфраструктура и да ги преиспитаат цените. „Во спротивно ќе ја изгубиме играта и тешко дека ќе се вратиме на старите, добри бројки,“ предупредува Куфидис.