Кефалојани за законот за кампери и приколки: Она што важи во цела Европа, сега важи и во Грција

Можеш да застанеш да купиш нешто, да одиш на плажа, но не и да преноќиш каде што сакаш, ова е нешто што се подразбира, правилата што важат во цела Европа, сега важат и во Грција и велиме „не“ за злоупотребата на јавниот простор, истакна министерката за туризам на Грција Олга Кефалојани во интервју за државната телевизија ЕРТ, говорејќи за измените во законот што се однесуваат на паркирање приколки, полуприколки и кампери, тема за која постоеја реакции во земјата, јави дописничката на МИА од Атина.

Кефалојани објасни дека законот „што става крај на беззаконието“ беше изгласан во јануари, а не пред почетокот на туристичката сезона, нагласи дека имаше дискусија во Парламентот и доби зелено светло и од опозициските партии.

Паралелно посочи дека веќе 50 години во земјата постои рамка за тоа како функционира системот со камперите и приколките, објаснувајќи дека не беше направена некоја промена во однос на ова, туку беше разјаснето каде е дозволено паркирање на овие возила.

  • Министерството со овој закон става крај на беззаконието, бидејќи не може на некои да им се дозволува опсада на јавниот простор. Не може државата да не се грижи, да не постои ограничување на слободата на жителите и посетителите, не може државата да не го штити јавниот интерес, јавниот простор, природното богатство на земјата, рече Кефалојани.

Додаде дека за паркирањето на камперите и камп приколките важи она што е предвидено со Законот за безбедност во сообраќајот, а се осврна и на туристите од странство, кои Грција ја посетуваат со приколки.

  • Она што важи во нивните земји важи и тука. Не разбирам зошто во Грција некој би можел да оди на плажа, во шума или на археолошко наоѓалиште. Не сфаќам зошто некои треба да имаат поголеми права во однос на јавниот простор. Јавниот простор е за сите, посочи министерката.

Како што објави МИА пред десет дена, со конкретниот закон изгласан во јануари е забрането поставување шатори и паркирање приколки, полуприколки и кампери на археолошки локалитети, крајбрежни делови, плажи, на рабови на јавни шуми и општо на јавни површини, а за прекршувањето предвидена е казна затвор до три месеци или парична казна од 300 евра по лице или по шатор или по превозно средство.

Конкретната тема во Грција се актуализираше откако на Пелопонез тројца кампери добиле казната од 300 евра за непрописно паркирање на бесплатен јавен општински паркинг на кој, според медиумите, немало никаква ознака со која се забранува паркирање на кампери во оваа област.

Неколку дена подоцна следеше и реакција од Министерство за туризам на Грција, од каде што преку соопштение објаснија дека „граѓаните/посетителите со кампери можат да паркираат во организирани кампови, односно во бизниси кои работат легално и ги исполнуваат сите хигиенски и безбедносни стандарди за посетителите и, генерално, законските урбанистички и еколошки стандарди, со што се става крај на злоупотребувачкото окупирање на шумите, плажите, археолошките локалитети и, генерално, на просторите за јавна употреба од кампери и приколки“.

Објаснија дека паркирањето на кампер возилата и приколките е регулирано со Законот за безбедност во сообраќајот според кој во населени места, паркирањето на приколки, каравани и чамци е забрането повеќе од 24 последователни часа и дека „можат да се паркираат во соодветни оградени области одредени од надлежните општини или заедници“.

Зачлени се на нашиот е-билтен