Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Отворањето на мостот меѓу северниот и јужниот дел на Косовска Митровица треба да се реши со политички дијалог

Мисијата на КФОР соопшти дека повторното отворање на мостот на Ибар меѓу северниот и јужниот дел на Косовска Митровица е прашање што мора да се реши со политички дијалог.

-Мисијата КФОР предводена од НАТО продолжува да ги следи локалните случувања и останува целосно фокусирана на секојдневното спроведување на својот мандат, врз основа на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН од 1999 година, за да обезбеди безбедна средина и слобода на движењето за сите заедници на Косово, се наведува во одговорот на Кфор за приштинскиот весник „Национале“.

Во него се додава дека КФОР продолжува да ја обезбедува потребната безбедносна поддршка за да може да напредуваат дипломатските напори, предводени од Европската унија.

Претходно, специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак изјави дека не е вистинско време да се отвори за сообраќај главниот мост во Косовска Митровица. Говорејќи на „Делфи форумот“ во Грција, Лајчак предупреди дека тоа може да предизвика нова криза.

Тој изјавил дека атмосферата „очигледно не е добра за тоа“ и дека „мора да се почитуваат црвените линии“, пренесува порталот „Репортери“.

Пратениците на Собранието на општината на северниот дел на Косовска Митровица донесоа одлука да упатат „барање за овозможување слободно движење на автомобилите на главниот мост на Ибар“.

Иницијативата за отворање на главниот мост во Митровица беше барање на советничката од движењето Самоопределување Аида Ферати, која посочи дека барањето треба да се достави до косовската полиција, КФОР, ЕУЛЕКС и други меѓународни организации и власти.

Откако во ноември минатата година Србите ги напуштија сите косовски институции, советниците на Српската листа во Северна Митровица беа сменети со Албанци и Бошњаци, кои беа следни на листата со најмногу гласови. Помеѓу јужниот и северниот дел на Косовска Митровица има неколку мостови кои се функционални и преку нив сообраќајот се одвива нормално. (МИА)

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново