Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Кикиљас: За десет дена имавме над 600 пожари во цела Грција, мнозинството предизвикани од човечки фактор

Со 60-70 пожари дневно требала да се справи Противпожарната служба на Грција во изминатите десет дена кога биле регистрирани над 600 пожари во целата земја според министерот за цивилна заштита и климатски кризи на Грција Василис Кикиљас, јави дописничката на МИА од Атина.

Кикиљас денеска одржа прес конференција за последните големи пожари во земјата и истакна дека мнозинството биле предизвикани од човечки фактор, или биле потпалувања и или од невнимание или намерни.

-По 15 дена со екстремни климатски појави, континуиран топлотен бран, интензивна суша и силни ветрови, по десет дена со над 600 пожари во земјата, од кои десет со големи размер, денеска е прв ден кога мапата за опасност од пожари не е црвена, не е во алармантна состојба, рече Кикиљас. 

Додаде дека во справувањето со огнените јазици во изминатите денови биле повредени 74 пожарникари, а процените се дека досега изгореле 40.000 хектари земјиште.

Во однос на тоа како се справиле со пожарите рече дека „оперативно било најдобро што може, под актуелните услови“ и  додаде дека и покрај направените подготовки, сепак „степенот на тежина бил многу голем“.

Истакна дека за нив „беше, е и останува главен приоритет заштитата на човечките животи“ и  посочи дека за тоа огромна е важноста на бројот 112 преку кој се испраќаат пораки за евакуации.

На прес – конференцијата говореше и началникот на Противпожарната служба на Грција, Георгиос Пурнарас, кој она што во изминатите денови се случуваше во земјата го окарактеризира како „ѓаволски триаголник“, односно високи температури, ниска влажност и ветер.

Денеска, ситуацијата со пожарите во Грција, како во областа Магнисија, така и на островите Крф, Евија и Родос е значително подобрена. 

Зачлени се на нашиот е-билтен