Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Кирил Петков: Бугарија мора да ги исчисти службите од агенти на Москва

Бугарија мора да даде приоритет на реформите на своите тајни служби и да ги отстрани агентите поддржани од Русија, доколку се надева дека ќе успее во своите амбициозни планови за искоренување на организираниот криминал и корупцијата. Ова го вели копретседателот на „Продолжуваме со промените“, Кирил Петков во интервју за бриселското издание на „Политико“, пренесува Mediapool.bg.

Според него, разузнавачките служби имаат очајна потреба од реформи. Кирил Петков вели дека првиот чекор за реформи е промена на процедурата за именување на шефови на безбедносните служби во Бугарија, при што моќта моментално е во рацете на претседателот Румен Радев, кој е проруски настроен.

„Во хаотичните, честопати насилни години по падот на комунизмот, агентите на апаратот за државна безбедност одиграа огромна улога во создавањето моќна мафија – која се занимаваше со изнуда, трговија со дрога и оружје – која сè уште има големо влијание врз националната политика и судството. Многу од познатите апаратчици и мафијаши на државната безбедност имаа блиски врски со Москва. Мислам дека има својствени ризици во нашите безбедносни служби“, вели Петков.

Кирил Петков бара механизмот да премине во рацете на парламентот, а Владата планира да ги разреши раководителите на службите поставени од Радев. Претседателот Радев во интервјуто од Петков е опишан како политичар со двосмислена позиција за местото на Бугарија во НАТО и непријателски настроен кон обезбедувањето воена помош за Украина.

Вториот чекор за реформи, според Кирил Петков, е проверка на сите службеници од органите на прогонот преку „тестови за интегритет и етика“.

„Ако можеме да ги направиме двете работи, голем дел од влијанието на Русија ќе се намали“, коментира тој, додавајќи дека Москва ја користи „корупцијата за маневрирање на својата надворешна политика“.

„Кога влеговме во борбата против корупцијата, не знаевме дека директно ќе се бориме против Москва, но испадна дека е истата борба“, вели Кирил Петков.

Радев револтирано реагираше на идејата дека на разузнавачките служби им се потребни промени, велејќи дека тие се веќе „сериозно реформирани“ и ја обвини партијата на Петков дека потклекнува пред странскиот притисок – мислејќи на САД и ЕУ, потсетува „Политико“.

„Политико“ пишува дека Кирил Петков имаше седуммесечен премиерски мандат во 2022 година, кога неговата влада протера 70 руски дипломати како шпиони.

Во текстот се додава дека коалицијата Продолжуваме со промените-Демократска Бугарија сега се согласила да формира „експертска“ влада предводена од двајца ротирачки премиери, откако ГЕРБ ја претстави поранешната еврокомесарка за иновации Марија Габриел како свој кандидат за премиер.

„Рековме, добро, ова е навистина еден од начините да се премости непремостливиот јаз“, рече Петков, додавајќи дека може да ѝ верува на Габриел за антикорупциската агенда бидејќи таа не била дел од бугарската политика.

МЕТА

Зачлени се на нашиот е-билтен