Конститутивната седница на косовскиот Парламент прекината – Албулена Хаџиу не го доби потребното мнозинство

Конститутивната седница на новиот состав на Собранието на Косово беше прекината денеска, откако кандидатката на Самоопределување, Албулена Хаџиу, не успеа да обезбеди мнозинство за избор за претседателка на законодавниот дом.

Претседавачот со седницата, Авни Дехари, објави прекин од 48 часа – до понеделник во 15 часот – по вториот круг на гласање во кој Хаџиу освои 57 гласа од потребните 61.

И покрај поддршката од пратениците на Самоопределување и дел од малцинските несрпски заедници, нејзината кандидатура не доби доволна поддршка. Против гласаа пратениците на Демократскиот сојуз на Косово, додека пратениците на Социјалдемократската иницијатива беа воздржани. На гласањето не присуствуваа пратениците на Демократската партија на Косово, Алијансата за иднината на Косово и Српската листа.

Неуспехот на Самоопределување да го обезбеди изборот на претседател на Парламентот укажува на продлабочување на политичките тензии и отежнување на процесот на формирање институции во Косово по последните избори.

Зачлени се на нашиот е-билтен