Црна Гора реално би можела до летото 2027 година да го потпише договорот за пристапување кон Европската Унија, доколку ги спроведе неопходните реформи и ги реши отворените прашања со Хрватска. Ова го изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос на 21 октомври, за време на посетата на земјата.
Во интервју за Радио Црна Гора, Кос потврди дека Брисел ја поддржува амбицијата земјата да стане 28. членка на ЕУ во 2028 година. Сепак, напредувањето зависи и од политичката согласност на сите 27 земји членки.
„Хрватска има свои интереси и отворено зборува за нив“, изјави Кос, како што пренесува European Western Balkans во оригиналниот напис. Таа оцени дека неодамнешните чекори на Подгорица и дијалогот со Загреб охрабруваат, но нагласи дека билатералните прашања мора да се решат, иако формално не се дел од пристапните преговори.
Црна Гора досега ги отвори сите 33 преговарачки поглавја, од кои 21 се привремено затворени. На меѓувладината конференција во Луксембург на 12 октомври беа затворени уште три поглавја, за економска и монетарна политика, статистика и социјална политика и вработување, потврдува Советот на ЕУ.
Во односите со Хрватска, црногорската влада презеде два чекора поврзани со барањата на Загреб: преименување на општинскиот базен во Котор и дополнително одобрување на спомен-плочата поставена кај поранешниот логор Морињ. Хрватска се противеше на претходното име на базенот, поврзувајќи го со лице кое, според Загреб, било стражар во логорот.
Преостанатите отворени прашања опфаќаат обесштетување на поранешните затвореници од Морињ, потрага по исчезнати хрватски државјани, процесирање воени злосторства, имотни права, разграничување на море и сопственоста на школскиот брод „Јадран“.

