Врховниот суд на Косово ја одби тужбата на Мрежата за професионален развој на жените „Арита“, со која се бараше дозвола за носење исламски шамии во училиштата, потврдувајќи дека Министерството за образование, наука, технологија и иновации (MEST) има законско право да ги утврдува правилата за облекување и однесување на учениците, јави radiosarajevo.ba.
Организацијата „Арита“ тврдеше дека забраната претставува дискриминација и кршење на уставните права на девојчињата кои носат хиџаб. Тие посочија дека во последните четири години добиле бројни пријави од ученички кои биле исклучени од наставата или спречени да присуствуваат на часови поради носење шамија.
Во својата одлука, судот истакнува дека Министерството има јасна надлежност да пропише кодекс на однесување и облекување во согласност со Законот за предуниверзитетско образование и Законот за стручно образование и обука.
Прашањето за носење шамии во косовските училишта со години предизвикува остри полемики. Иако повеќе од 90 проценти од населението во Косово се муслимани, забраната беше воведена уште во 2010 година, кога MEST издаде упатства со кои се ограничува носењето таканаречени „религиозни униформи“, вклучително и шамии.
Исламската заедница на Косово тогаш остро реагираше, истакнувајќи дека шамијата не е униформа, туку дел од верската обврска на муслиманките.
Правни експерти, пак, предупредуваат дека административната инструкција содржи нејасни формулации за „религиозни униформи“, што остава простор за различни толкувања и селективна примена на правилата.
Врховниот суд се повика и на претходните одлуки на Уставниот суд на Косово (2011) и Европскиот суд за човекови права, кои утврдуваат дека верската слобода подразбира лично уверување и можност за негова манифестација, но не ги опфаќа сите постапки поттикнати од верата.
				
				
															