Косово потпиша договор за слободна трговија со земјите од Европската асоцијација за слободна трговија (ЕФТА), која ги вклучува Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија.
На церемонијата на потпишување во Давос, Швајцарија, членките на ЕФТА и косовскиот премиер Албин Курти рекоа дека договорот ќе донесе взаемна корист.
Договорот нуди бројни можности, меѓу кои и увоз и извоз на стоки. Производите со потекло од Косово ќе можат да се извезуваат во земјите на ЕФТА, а локалните компании нема да мора да плаќаат царина за нив.
Домашните производители досега беа принудени да плаќаат и до 10 отсто дополнителни царини.
Договорот е постигнат по повеќе од две години преговори, а според претседателката на ЕФТА, Сесилија Мирсет, Косово е првата земја од регионот на Западен Балкан која на нејзино барање ги вклучила услугите во овој договор.
Косовскиот премиер Албин Курти рече дека овој договор отвора поглавје за зајакнување на економските односи, како и за подобрување на трговските односи меѓу неговата земја и членките на ЕФТА.
„Договорот што го потпишуваме денеска воспоставува рамка за трговски односи меѓу земјите на ЕФТА и Косово и ќе создаде нови можности со тоа што ќе му овозможи пристап на Косово до пазарите на ЕФТА. Ова отвора нови можности за извоз за нашите компании и подлабока интеграција во европската економска рамка, овозможувајќи ни да се натпреваруваме во поголем обем“, рече Курти на церемонијата на потпишување.
Косовскиот премиер рече дека е уверен оти овој договор ќе донесе придобивки за бизнисите, индустријата и граѓаните.
Претседателката на ЕФТА Сесили Мирсет рече дека овој договор е големо достигнување за интеграцијата на Косово во глобалниот систем.
„Уверена сум дека тоа ќе го стимулира економскиот раст, создавајќи можности за нови бизниси и граѓани од двете страни“, рече таа.
Минатата година Косово забележа економски раст од околу 4 отсто и пад на инфлацијата. Сепак, земјата се соочува со висок увоз во споредба со извозот.
Мирсет од ЕФТА рече дека во последните години трговската размена меѓу земјите од ЕФТА е значително зголемена и достигна над 176 милиони евра.
„Со склучувањето на Договорот за слободна трговија можеме да очекуваме уште повеќе да порасне стоковната размена“, посочи таа.
ЕФТА соопшти дека покрај финансиските услуги се вклучени и правата на интелектуална сопственост.
Косово најави дека преку вакви договори сака да привлече странски инвеститори да инвестираат во земјата.
ЕФТА е создадена во 1960 година со цел да се промовира слободната трговија.
Косово, исто така, го потпиша Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА). Овој договор, кој ги вклучува земјите од Западен Балкан и Молдавија, има за цел да ја зголеми трговијата со стоки и услуги, да ги отстрани трговските бариери меѓу потписниците и да привлече инвестиции.