Министерот за локална самоуправа на Косово, Елберт Красниќи изјави дека во наредните денови ќе се утврди процесот за одржување на вонредни избори во четири општини на северот на земјата.
Тој не даде детали за подготовката на управната инструкција која треба да го отвори патот за одржување на изборите, туку само наведе дека таа ќе биде завршена на крајот на месецот.
– Како министер ја извршив мојата должност, почнувајќи од административната инструкција која на граѓаните им дава право да покренат петиција за смена на градоначалникот, рече Красниќи.
Тој додаде дека Работната група која треба да го изработи ова упатство досега се состанала двапати.
На северот на Косово има четири општини со српско мнозинство – Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток – во кои новите градоначалници дојдоа на власт на крајот на мај затоа што Србите ги бојкотираа изборите, потсетува Радио Слободна Европа.
Создавањето административна инструкција што ќе го отвори патот за распишување нови избори доаѓа откако Косово на 10 јули постигна договор со ЕУ за деескалација на ситуацијата.
Овој договор, меѓу другото, предвидува организирање на вонредни локални избори на крајот на летото и враќање на дијалогот меѓу Косово и Србија за нормализација на односите.
Красниќи рече дека вонредните избори може да се одржат доколку 20 отсто од гласачите во една општина потпишат петиција за смена на градоначалникот на таа општина.
Според Законот за локална самоуправа, вонредни избори може да се одржат доколку актуелниот градоначалник поднесе оставка, во случај граѓаните да побараат разрешување на градоначалникот преку петиција потпишана од 20 отсто од избирачите на една општина, како и во случај градоначалникот, без причина, да не се појави еден месец на работното место.
Европската Унија побара безусловно учество на српската локална заедница на овие избори.