Курти: Непријателите на Косово им ја одземаат слободата на граѓаните преку купени медиуми

Курти

Купените медиуми ги манипулираат граѓаните и им ја одземаат слободата. Манипулацијата доаѓа од непријателите на Косово, кои за жал наоѓаат место и во земјата.

Ова го изјави косовскиот премиер Албин Курти, објави „Коха“.

Курти рече дека демократијата не се темели само на гласот на граѓаните, туку и на слободата на говорот, која мора да биде навистина слободна за да има вредност.

Премиерот им нагласи на пратениците дека слабо информираниот граѓанин не е слободен, туку манипулиран, а според него, оваа манипулација доаѓа од непријателите на Косово, кои „наоѓаат пат во земјата“. Слободата на говорот не може да постои ако е подредена на скриени интереси.

„Сигналите за финансирање со парични вреќи не се само проблем на професионалната етика, туку директна закана за интегритетот на јавната дебата. Кога парите влегуваат невидливо, тие не само што купуваат медиумски простор, туку влијаат, го насочуваат наративот и на крајот ја искривуваат перцепцијата на граѓаните. Лошо информираниот граѓанин не е слободен, тој е манипулиран, а оваа манипулација доаѓа од нашите непријатели, кои за жал наоѓаат место и во земјата. Ние немаме интерес да ги ограничуваме медиумите – напротив, сакаме тие да бидат посилни, независни, истражувачки и критички“, рече Курти.

Тој додаде дека независноста не може да се гради врз тајно финансирање кое поддржува клевети и дезинформации. Уредничката слобода мора да биде загарантирана, но таа мора да оди рака под рака со целосна транспарентност во однос на сопственоста и финансирањето.

Курти нагласи дека граѓаните мора да знаат кој зборува, во чие име, со кои извори и кој ја финансира оваа активност.

„Исто како што секој друг бизнис е одговорен за своите финансии и ресурси, медиумите мора да бидат подеднакво одговорни. Законот за независен медиумски совет нема за цел да ги контролира медиумите, туку да ги заштити од контрола. Цензурата е пречка за чесното новинарство, а не за лажните вести со сомнително финансирање. Демократијата што не го препознава овој ризик навреме ризикува да ја изгуби својата слобода без да го сфати, а ЕУ постапи со истата логика кога престана да емитува руски портали“, рече премиерот.

Зачлени се на нашиот е-билтен