Градоначалникот на општина Ќустендил, Огњан Атанасов изјави дека е крајно загрижен поради одлуката на бугарската влада да се елиминира имплементацијата на двата железнички проекти Софија – Перник и Перник – Радомир, како дел од Коридорот 8 кој на бугарска страна завршува кај Ѓуешево во близина на македонско-бугарската граница, пишува бугарскиот портал „Фокус“.
Поради оваа причина, градоначалникот повика на средба со претставниците на округот Ќустендил, регионалниот гувернер на Ќустендил и општинските советници, јојашто ќе се одржи на 17 март во салата за состаноци на општината.
„Да седнеме заедно и да ги идентификуваме мерките во врска со нашите активности поврзани со оваа вест. За овие инфраструктурни проекти беа издвоени околу 500 милиони евра и тие не се подобни за финансирање во тековниот програмски период. Одлуката влијае на стратешкиот меѓународен коридор за нашата општина и за регионот, поради што е неопходно да се разговара за последиците и можните последователни активности што треба да се преземат“, објасни Атанасов.
Според неговите зборови, како што пренесува „Фокус“, ова е нешто многу загрижувачко, бидејќи парите всушност се пренасочуваат за други проекти, како Пловдив-Бургас или некои други патни делници.
„Претпоставувам дека причината зошто тоа се прави, како што е запишано во одлуката на Владата, е немањето готови инвестициски проекти и издадени градежни дозволи доаѓаат“, рече Атанасов.
Градоначалникот посочи дека е крајно загрижен за тоа што се случува и поради тоа самиот ја иницирал средбата, а од неа се очекува учесниците да излезат со единствен став за продолжување на проектирањето и барањето средства. Ќе се бара средба и со општините во округот Перник, кои исто така се засегнати од министерската одлука.
Железничката линија Софија – Скопје е дел од европскиот транспортен коридор бр.8, кој треба да го поврзе Црното со Јадранското Море по правецот Драч – Тирана – Скопје – Софија – Бургас/Варна. Целта е да се обезбеди брз транспорт на луѓе и стоки.