Кос: Црна Гора би можела да го потпише договорот за пристапување кон ЕУ до летото 2027 година

Кос

Црна Гора има реална можност да го потпише договорот за пристапување кон Европската Унија до летото 2027 година, доколку ги заврши реформите и ги реши контроверзните прашања со Хрватска.

Ова го изјави европската комесарка за проширување Марта Кос во интервју за Радио Црна Гора.

Кос нагласи дека Брисел ја поддржува амбицијата на Подгорица да стане 28-ма членка на ЕУ во 2028 година. Таа прецизираше дека барањата на Хрватска формално не се дел од процесот на преговори, но билатералните спорови мора да се решат, бидејќи за пристапување е потребна согласност од сите 27 земји-членки.

Загреб постави осум услови за Подгорица, од кои два веќе се исполнети – преименување на градскиот базен во Котор и одобрување на комеморативната плоча во поранешниот логор Морин.

Останатите барања се однесуваат на обештетување на поранешните затвореници во логорот, потрагата по 14 исчезнати хрватски државјани, гонењето на воените злосторства, имотните права на хрватските семејства, поморската граница и спорот околу бродот за обука Јадран.

„Овие билатерални прашања не се дел од процесот на преговори, но мора да се решат“, нагласи Кос.

Европската комесарка го опиша напредокот на Црна Гора во последните три години како исклучителен, истакнувајќи дека земјата ги исполнила речиси сите технички услови за членство.

Подгорица ги отвори сите 33 преговарачки поглавја, од кои 21 се привремено затворени. Последните три – „Економска и монетарна политика“, „Статистика“ и „Социјална политика и вработување“ – беа затворени на 12 октомври.

Кос, исто така, ги поздрави уставните измени усвоени од црногорскиот парламент поврзани со проверката на интегритетот на кандидатите за членови на владата. Според неа, тие ја доближуваат земјата до затворање на Поглавјето 23 и конечниот заклучок на преговорите.

Во врска со критиките кон претседателот на Парламентот Андрија Мандиќ, поврзани со сочувството упатено до семејството на осудениот воен злосторник Ратко Младиќ, Кос рече дека само парламентот може да го одреди своето раководство.

„Нема место во Европската унија за фалење на воените злосторници. Помирувањето и почитта кон жртвите се исклучително важни за нас во Европа“, нагласи таа.

Во пресрет на самитот на Берлинскиот процес во Будва, Кос истакна дека Црна Гора привлекува сè поголемо внимание меѓу европските лидери. Според неа, евентуалното членство на Подгорица би можело да даде нов импулс за европската интеграција на другите земји од Западен Балкан.

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?