Како дел од манифестацијата „Недела на македонската култура” денеска во Тирана ќе се одржи настанот „Промоција на македонски вина и вински туризам”.
На промоцијата 12 познати македонски винарии денеска ќе ги изложат своите вина и ќе ги презентираат можностите за вински туризам.
Промоцијата ќе започне во 14 часот во познатата „Пирамида“, значајно културно обележје во центарот на Тирана, со интонирање на македонската химна, додека дополнително настанот ќе биде збогатен со настап на фолклорна група од Пустец, чии членови во традиционални македонски носии, ќе изведат повеќе македонски песни и ора.
Пред овој значаен настан во просториите на македонската амбасада во Тирана, вршителот на должноста амбасадор, Љуфтим Спахиу оствари средба со претставниците на македонски винарии, на која заедно размениле искуства, идеи и визии за промоција, на нивните производи со искреност и надеж за уште побогата винска иднина.
Овој настан требаше да се одржи вчера, но беше одложен, бидејќи во Албанија беше Ден на национална жалост, во знак на почит кон починатиот Папа Франциск.
Неделата на македонската култура, која за првпат се одржува во Тирана свечено беше отворена на 23, а завршува на 30 април.