Пожарот што ја зафати деловната зграда „Вјесник“ во Загреб бил предизвикан од група малолетници, потврди загребската полиција. Според хрватските медиуми, еден од младите сам се јавил во полиција и детално ја опишал критичната вечер.
Според неговото сведочење, група млади на возраст од 16 до 17 години влегле во напуштените делови од облакодерот со намера да се искачат на покривот. На повисоките катови не можеле да продолжат поради заклучени врати. Во еден момент, еден од присутните почнал да пали картони, по што огнот брзо се проширил. Во паника, сите побегнале од зградата.
Полицијата соопшти дека повеќе малолетни лица се опфатени со истрагата, а едно лице е уапсено и се наоѓа под истражни мерки. Од Полициската управа нагласуваат дека приоритет е утврдување на сите релевантни факти и дека прераното споделување детали би можело да го загрози текот на постапката. Јавноста ќе биде информирана кога околностите ќе го дозволат тоа.
Статичарите предупредуваат: Облакодерот е сериозно оштетен
Паралелно со кривичната истрага, стручните служби продолжуваат со техничките проверки на конструкцијата. Градежниот инженер Марио Урош објаснува дека високите температури предизвикале оштетувања на носивите елементи, особено на катовите каде се наоѓале архивските простории полни со запалив материјал.
Веќе се регистрирани видливи пукнатини на неколку столбови, а инженерите предупредуваат и на можност од невидливи оштетувања во внатрешноста на бетонските слоеви. Дополнителен проблем е што конструкцијата сè уште се лади; во внатрешните делови и понатаму има загреани сегменти кои мора да се стабилизираат пред да се направи конечна проценка.
„Градбата е небезбедна и постои ризик од делумно уривање“, истакнува Урош. Иако ризикот ќе се намалува како што конструкцијата целосно ќе се олади, сериозноста на пукнатините не смее да се игнорира.
Можно целосно уривање на култната зграда
Поради големиот обем на штета, стручњаците не ја исклучуваат ниту можноста за делумно или целосно рушење на облакодерот „Вјесник“, симболична зграда во Загреб. До донесување на конечна одлука, објектот останува под строги безбедносни мерки и постојан надзор на надлежните служби.

