Попладнево, околу 16 часот, на плоштадот Бан Јосип Јелачиќ во центарот на Загреб избувна масовна тепачка во која, според првичните информации, учествувале околу дваесет маскирани млади мажи.
Сè уште не е познато дали се работи за судир меѓу две групи или за организиран напад врз поединци. Според неофицијални информации на порталот Индекс, дел од учесниците во инцидентот се приведени.
Очевидци за хрватските медиуми изјавиле дека тепачката траела кратко, а потоа дел од групата побегнал кон улиците Јуришиќева и Петрињска.
Полицијата потврди приведувања
Загрепската полициска управа потврди дека неколку лица се приведени и дека е започната истрага за утврдување на сите околности на настанот.
„Денес, 12 ноември, околу 16 часот, на плоштадот Бан Јосип Јелачиќ избувна конфликт меѓу поголема група млади лица. Неколку од нив се под полициски надзор во службените простории. Истражните дејства се во тек,“ се наведува во полициското соопштение.
Напад врз новинарска екипа претходно во текот на денот
Неколку часа пред инцидентот, околу 14 часот, новинарска екипа на телевизијата Н1 била нападната на истиот плоштад. Според информациите на телевизијата, непознат млад маж прво ги навредувал новинарите, а потоа физички го нападнал снимателот, нанесувајќи му видлива повреда на окото.
Полицијата потврди дека напаѓачот е идентификуван и уапсен.
Засега не е утврдено дали двата настани се поврзани, но полицијата останува на терен и најави дека дополнителни информации ќе бидат соопштени во текот на вечерта.

