Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Медиуми: Дали во декември во Србија ќе има вонредни избори?

Во Србија на пролет следната година законски треба да се одржат редовни локални и избори за собранието на Војводина. По вчерашното барање на опозицијата за одржување на вонредни парламентарни и избори за градот Белград, со блокада на собранието и продолжување на повеќемесечните протести „Србија против насилството“, медиумите и аналитичарите излегоа со анализи за можноста за одржување на овие избори веќе во декември годинава, јави дописникот на МИА од Белград.

Вчера првиот спикер Владимир Орлиќ на барањето на опозицијата изјави дека „ја прифаќа иницијативата за распишување вонредни парламентарни и белградски избори, дека за тоа барање ќе ги извести надлежните органи – Владата на Србија, претседателот и за што ќе добијат одговор во најкраток можен рок, можеби за 30 дена“.

Премиерката Ана Брнабиќ, за ТВ Прва синоќа оцени дека изборите во Србија би можеле да се случат „релативно брзо“ и додаде дека треба да се случат „подобро порано отколку подоцна“, непрецизирајќи го датумот и видот на гласањето.

На прашањето за роковите за изборната кампања, од 60 и 90 дена, таа одговори дека тоа сигурно може да се случи релативно брзо.

Синоќа претседател Александар Вучиќ имаше средба со лидерот на Српската напредна партија (СНС) Милош Вучевиќ и со активисти на СНС од Војводина, на која јасно било наведено дека партијата треба да ги започне сите подготвителни активности за претстојните избори, соопшти ексклузивно Блиц. Одлуката за избори би требали според овој весник да падне веднаш по враќањето на Вучиќ од Генералното собрание на ООН.

Вучиќ изминатите денови во неколку наврати ја спомена можноста за одржување избори. Тој на 20 август изјави дека изборите ќе се одржат многу брзо, за три-шест месеци, a пред една недела рече дека „ако опозицијата јасно ја изрази својата желба и волја за избори и ако сакаат избори што е можно поскоро, ќе ги имаат побрзо отколку што мислеле“.

Вечерни новости соопштија дека Вучиќ ги повикал коалициските партнери и им рекол да се подготват за избори по Свети Никола, односно по 19 декември. Ова се однесува на редовните локални, покраински, но и вонредни парламентарни избори. Кога станува збор за вонредните белградски избори, тие сè уште се „во мирување“ бидејќи нема договор меѓу Вучиќ и градоначалникот Александар Шапиќ, а Вучиќ не смее да ризикува да го загуби Белград, пишува Блиц.

ТВ Н1 и весникот Блиц соопштија дека „речиси сигурно во декември ќе се одржат вонредни избори“, додека Демостат денес соопшти дека „избори ќе има во декември или на пролет“.

За да се одржат во декември вонредните парламентарни избори, чие одржување до крајот на годината бара дел од опозицијата, што во редовите на власта се споменува како речиси сигурна опција, потребно е указ за распуштање на српскиот парламент да биде донесен во периодот од 4 октомври до 9 ноември. Избори за пратеници распишува претседателот на Републиката, а за да бидат вонредни прво треба да го распушти Народното собрание врз основа на образложен предлог на Владата. 

Зачлени се на нашиот е-билтен