Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Мицотакис ги одложи активностите за викендов на Меѓународниот саем во Солун поради невремето

 Невремето „Даниел“ ја промени програмата на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, кој ги одложи планираните активности за викендов на отворањето на Меѓународниот саем, односно говорот и прес-конференцијата и наместо во Солун, ќе биде во подрачјата погодени од невремето, јави дописничката на МИА од Атина. 

Портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите рече дека во текот на викендот, Мицотакис ќе замине во погодените подрачја во областа Тесалија, со цел да се информира за катастрофите и за потребите и процедурите за итна обнова, како и одблиску да ја види ситуацијата.

– Ова е приоритет во моментов и таму е ориентиран целиот државен механизам. Закажаниот говор на премиерот и традиционалната прес-конференција во Солун на отворањето на 87-от Меѓународен саем се одложуваат за средината на следната седмица. Новиот датум наскоро ќе биде соопштен, рече Маринакис.

Меѓународниот саем во Солун се одржува традиционално секоја година во септември и е домаќин на странски изложувачи, учество на земји од целиот свет, странски и домашни политичари и слично, а официјалното отворање е со говор на премиерот на Грција, кој ја соопштува владината програма и следните планови, по отворањето се одржува и прес-конференција.

Оваа година, Саемот почнува в сабота на 9 септември, истиот ден беше планиран и говорот на Мицотакис, а ден подоцна, в недела требаше да се одржи традиционалната прес-конференција.

Меѓународниот саем во Солун ќе трае до 17 септември, а годинава почесна земја е Бугарија

Најново