Грција и понатаму е протагонист на патот кон развојот. И покрај постојаната инфлација на храната, имаме четврта најниска инфлација во Европа. Имаме најниска невработеност во последните многу години, порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на почетокот на денешната владина седница, јави дописничката на МИА од Атина.
На министрите од неговата Влада, Мицотакис им порача дека ги чека многу работа и потсети дека веќе ги реализирале нивните важни централни определби, односно 50 отсто од економската програма веќе е изгласана во Парламентот.
– Знаеме дека ќе постојат и пречки на нашиот пат, но ќе продолжиме да бидеме истрајни, доследни на нашата предизборна програма. Поради тоа и грчкиот народ гласаше за нас, истакна Мицотакис.
Паралелно најави дека следниот викенд на Меѓународниот саем во Солун, во традиционалниот говор на премиерот на земјата, ќе ја презентира детално владината програма за претстојниот период.