Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Млади од четири балкански земји ќе учат за мир и демократија на Младинска академија во БиХ

Вкупно 50 млади луѓе од Босна и Херцеговина, Србија, Хрватска и Црна Гора учествуваат на Младинската академија „Состојба на мир“, во чии рамки преку посети на културни манифестации и работилници во босанските градови Сараево, Тузла, Витез и Брчко, ќе учат за состојбата на мирот и за градење демократија.

Организатор на оваа прва младинска академија од ваков тип, што се одржува од 18 и 31 август, е Делегацијата на Европската Унија во Босна и Херцеговина во соработка со Центарот за постконфликтно истражување.

Настанот има за цел преку различни младински проекти да ги поттикне младите да преземат проактивна улога во градењето на општеството и да се вклучат во реформските процеси на патот на нивните земји кон Европската Унија. Како што соопшти ЕУ, Младинската академија ќе им овозможи на младите не само да за стекнат нови вештини преку серијата работилници и студиски посети, туку и да развијат нови пријателства со врсниците од регионот.

Според шефот на Делегацијата на ЕУ во БиХ, Јохан Сатлер, програмите за помирување кои ги обединуваат младите од земјите од Западниот Балкан не се само мост за интеграција во Европската Унија, туку се темел за воспоставување траен мир, заеднички просперитет и посветла иднина за регионот. 

– Програмите како Младинската академија „Состојба на мир“ ги поттикнуваат новите генерации да ги надминат историските поделби, иницирајќи меѓусебно разбирање и соработка. Навистина се надевам дека ова ќе биде искуство што ќе го промени животот за сите кои учествуваат во оваа програма, порача Сатлер.

Претседателката и основач на Центарот за постконфликтно истражување, Велма Шариќ оцени дека целта на Младинската академија е да придонесе за попросперитетна иднина и да поттикне процес на справување со минатото преку двонеделна програма за младите, базирана на меѓуетнички дијалог, учење за толеранција и дружење со своите врсници.

– Младите од Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Хрватска, кои се пријавија и беа примени на Академијата, на овој начин ја покажуваат својата волја за градење демократско општество на Западниот Балкан, истакна Шариќ, посочувајќи дека мисијата на Центар за постконфликтно истражување, меѓу другото, е едукација за мир.

Во текот на двонеделната програма, младите ќе учествуваат на неколку работилници и студиски посети и ќе имаат можност да разговараат со над 30 поединци, меѓу кои и функционери, граѓански активисти, претставници на верски заедници, невладини организации и меѓународни институции и борци за човекови права од Босна и Херцеговина и оо регионот. 

Младинската академија започна во Тузла, по што во нардените денови учесниците ќе ги посетат Брчко, Сараево и Витез. 

Зачлени се на нашиот е-билтен