Младите од Западен Балкан се здружуваат за заедничка европска иднина

Во Подгорица официјално беше претставен регионалниот проект „Вклучување на младите за европеизација на Балканот“, со кој се промовира активно учество на младите во европските интеграциски процеси.

Во Подгорица официјално беше претставен регионалниот проект „Вклучување на младите за европеизација на Балканот“, со кој се промовира активно учество на младите во европските интеграциски процеси.

Проектот, финансиран од Фондот за Западен Балкан, го спроведуваат Балканскиот институт за регионална соработка (BIRC) од Северна Македонија, Центарот за иновации и развој (CFID) од Косово, како и неколку невладини организации од Црна Гора.

Извршната директорка на црногорската организација „NVO Glas“, Милица Дедиќ, изјави дека проектот има за цел да ги поттикне младите да се вклучат во обликувањето на иднината на регионот низ призмата на европските вредности.

„Регионалната соработка, вмрежувањето и заедничката промоција на вредностите како владеење на правото, солидарност и граѓански активизам се клучни алатки во процесот на приближување кон ЕУ. Веруваме дека младите можат да бидат двигатели на промените“, нагласи Дедиќ.

По лансирањето, ќе следува анкета со цел да се истражи ставот на младите за Европската Унија и процесот на интеграција.

На настанот во Подгорица, младите од регионот зборуваа за сопствените искуства, предизвици и визии за европската иднина. Директорот на програмата на BIRC, Лорик Идризи, укажа дека проектот има за цел да одговори на растечкиот евроскептицизам во регионот.

„Политичките блокади и одложувањата во процесот на интеграција доведоа до разочарување кај младите. Преку овој проект сакаме да изградиме платформа за размена, соработка и нова перспектива – младинска, отворена и проевропска“, изјави Идризи.

Дренуша Латифи од CFID – Косово, посочи дека улогата на медиумите и граѓанското општество е клучна во борбата против дезинформации и во градењето на позитивен и реален наратив за ЕУ.

„Антиевропските пораки често се шират преку дезинформации. Мораме да градиме алтернативен наратив што ја отсликува суштината на ЕУ – демократија, транспарентност и солидарност“, рече Латифи.

Проектот ќе трае шест месеци, со активности што ќе се реализираат во Скопје, Приштина и Подгорица. Вклучени ќе бидат 60 млади професионалци, 15 новинари, 10 претставници на државни институции и 15 организации на граѓанското општество, сите активни во полето на евроинтеграциите.

Со вакви иницијативи, младите од регионот покажуваат дека имаат волја и визија за заедничка европска иднина.Top of Form

Зачлени се на нашиот е-билтен