МНР на Србија: Воените договори во регионот ја загрозуваат стабилноста на Балканот

Воените договори во регионот ја загрозуваат стабилноста на Балканот

Воените договори во регионот ја загрозуваат стабилноста на Балканот, порачува Министерството за надворешни работи на Република Србија во своето денешно соопштение до јавноста.

Во него се вели дека со загриженост ги следат изјавите и најавите на одредени функционери во регионот во врска со потпишувањето и проширувањето на билатералните договори за воена соработка меѓу соседните земји, се нагласува во соопштението што денеска го објави српското министерство.

МНР на Србија, се вели во соопштението, потсетува дека целиот Балкан останува чувствителна постконфликтна област во која зачувувањето на мирот и стабилноста е од суштинско значење, како за земјите од регионот, така и за Европа како целина.

„Токму поради оваа причина, секој недоволно транспарентен потег што може да се протолкува како создавање воени блокови или сојузи насочени против трети страни, придонесува за раст на тензиите и ги продлабочува поделбите, наместо да гради доверба и да ја подобрува соработката“.

Особено нагласуваме, потенцираат од МНР на Србија, дека недостатокот на транспарентност и отсуството на вообичаени консултации во врска со ваквите договори отвора простор за сомнеж и поттикнува атмосфера на недоверба – што е спротивно на европските вредности на дијалог, предвидливост и меѓусебно почитување.

МНР на Србија во обраќањето до јавноста потсетува дека некои од земјите што учествуваат во овие аранжмани се веќе членки на НАТО, а нивната безбедност е целосно загарантирана со постојните колективни механизми.

„Затоа, се поставува прашањето за вистинските мотиви и цели на овие билатерални договори, кои немаат јасна воена оправданост, но носат силна политичка симболика и испраќаат негативни пораки во регионот. Исто така, не ги разбираме причините за исклучување на одредени земји од ваквите форми на соработка“.

Република Србија верува дека вистинскиот начин за зајакнување на довербата и соработката во регионот е да се инвестира во механизми за заедничка обука, цивилна заштита и координиран одговор во вонредни ситуации – како што се поплави, пожари и земјотреси – што би донело конкретни и трајни придобивки за граѓаните на сите земји, се наведува во оваа комуникација

„Република Србија останува цврсто посветена на мирот, стабилноста и соработката во регионот и очекува сите партнери да дејствуваат одговорно во тој дух, почитувајќи ги легитимните интереси на сите страни“, завршува соопштението на Министерството за надворешни работи на Србија.

Зачлени се на нашиот е-билтен