Хрватскиот пазар на труд бележи зголемена побарувачка за работна сила во неколку сектори – пред сè во градежништвото, шпедицијата, логистиката, продажбата и туризмот. Според активните огласи за вработување, најбараните работни места во моментов нудат не само пристојни, туку и надпросечни плати, а некои компании обезбедуваат и дополнителни поволности како сместување, флексибилно работно време и различни бонуси.
Позицијата градежен инженер е едно од најдефицитарните занимања во Хрватска. Огласите се активни на повеќе локации низ државата, а нето платата за оваа професија достигнува и до 2500 евра. Работодавците обично бараат минимум пет години работно искуство, возачка дозвола Б категорија и солидно користење на компјутерски програми. Во некои случаи се нудат и дополнителни услови, како службено возило, сместување и договор на неопределено време – особено во региони како Истра.
Возачи и логистичари – до 3000 евра и слободни денови
Секторот шпедиција и логистика е втор по побарувачка. Барани се соработници во логистика со бруто плати меѓу 1400 и 1500 евра, како и дополнителни бенефиции – попусти за вработени и додатоци на плата.
Највисоките понудени плати се кај професионалните возачи со Ц и ЦЕ категории. За работа во Хрватска и Германија се бара минимум две години искуство, а нето платите се движат од 2500 до 3000 евра. Покрај тоа, работодавците нудат 24 дена годишен одмор, што ја прави оваа професија особено атрактивна за работниците од регионот.
Секторот продажба – стабилна побарувачка, пристојни услови
Работните места во продажба и понатаму се меѓу најстабилните по побарувачка. За позицијата продавач во специјализирани продавници, се бара Б категорија, а се нудат платени трошоци за превоз и вработување на неопределено време. Иако точната плата не е секогаш наведена, се истакнува дека се нуди „добра плата“, што подразбира конкурентни услови.
Сезонските продавачи, пак, можат да изберат флексибилни опции за работно време – од 20 до 40 часа неделно – со нето плата до 1250 евра. Се бара и продавачки претставници за градежниот сектор, но деталите околу платата најчесто не се наведени во огласите.
Со приближувањето на туристичката сезона, повторно се зголемува побарувачката за персонал во хотелиерскиот сектор. Собарките се особено барани – во луксузен хотел со пет ѕвезди во Дубровник се нуди плата од 1200 до 1500 евра, со обезбедено сместување и покриени патни трошоци.