Новинарите и вработените во порталот и весникот „Нова“ најавија дека нема да соработуваат со новиот главен уредник Марко Стјепановиќ до завршувањето на изборните циклуси во Србија, откако неговото назначување беше објавено на помалку од 20 дена пред предвремените парламентарни избори.
Стјепановиќ, поранешен главен и одговорен уредник на „Блиц“, треба да ја преземе редакцијата на Nova.rs, а неговото доаѓање предизвика силен отпор меѓу вработените.
Во анонимна анкета, 75 отсто од новинарите и вработените се изјасниле против неговото назначување, останатите биле воздржани, а ниту еден вработен не го поддржал.
Редакцијата соопшти дека нема да соработува со Стјепановиќ до завршувањето на парламентарните и претседателските избори, по што е подготвена да разговара со него за идната уредувачка политика.
Од „Нова“ оценуваат дека промената на раководството непосредно пред изборите отвора сомнежи за можен притисок врз уредувачката политика и начинот на кој порталот ќе го следи изборниот процес.
Новинарите нагласуваат дека порталот во изминатите шест години известувал за изборни нерегуларности, притисоци врз гласачи, купување гласови и други спорни појави, и стравуваат дека промената може да влијае врз критичкиот пристап на редакцијата.
Новиот сопственик и директор на United Media Digital, Педро Варгас Сантос Давид, во меѓувреме лично им го претстави Стјепановиќ на вработените, заедно со неговата идна заменичка Ивана Мастиловиќ Јасниќ.
Варгас побара соработка од редакцијата и уверуваше дека новинарите ќе продолжат да работат слободно, без прорежимска или проопозициска уредувачка политика. Како причина за промените ги посочи финансиските загуби на компанијата.
Стјепановиќ, пак, им порача на новинарите дека имаат право на свој став и дека неговата работа треба да ја оценуваат според она што ќе го направи откако ќе ја преземе функцијата.
Редакцијата остана на ставот дека моментот за промена на главниот уредник е неприфатлив и побара таа да биде одложена до завршувањето на изборите.
Случајот отвори ново прашање за состојбата со медиумите во Србија во пресрет на изборите, особено затоа што Nova.rs е еден од најчитаните критички медиуми во земјата и дел од медиумската група во која работи и N1.

