Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, синоќа изјави дека тековните студентски протести во земјата се диригирани од странски фактори и дека не се автентични студентски иницијативи. Тој посочи дека протестите се дел од „поголема игра“ против Србија, наведувајќи три главни причини за нивното организирање.
Вучиќ тврди дека странските сили, кои, според него, стојат зад протестите, имаат за цел:
-Да ја завршат работата околу признавањето на Косово.
-Да спречат Србија да стане водечка сила на Балканот.
-Да ја казнат Србија за противењето на Резолуцијата за Сребреница во ОН.
На трибината „Иднина, а не минато“, организирана од Српската напредна партија во Сава центарот, Вучиќ истакна дека има „многу докази“ за странска поддршка на протестите.
Во 2024 година, Генералното собрание на ОН усвои резолуција со која 11 јули се прогласува за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница. Резолуцијата го осудува негирањето на геноцидот и глорификацијата на осудени за воени злосторства. Србија беше една од ретките земји што се спротивставија на резолуцијата, заедно со Русија, Кина, Унгарија и неколку други држави.
Студентите кои со недели протестираат низ Србија бараат правда и одговорност за несреќата во Нови Сад, каде падот на настрешница предизвика смрт на 15 лица. Иако протестите се одвиваат низ целата земја, Вучиќ досега не се обврза на исполнување на нивните барања.
Синоќа, тој повторно ги спомена специјалните единици „Кобра“, нагласувајќи дека „ако сака, може за неколку секунди да ги прекине блокадите“. Оваа изјава беше протолкувана како закана и е продолжение на неговите претходни слични изјави.
Во јавноста се поставуваат прашања дали оваа реторика ќе го поттикне решавањето на проблемите или дополнително ќе ја поларизира состојбата во Србија.