Напредок за Подгорица во Брисел: Црна Гора пред затворање пет поглавја со ЕУ

По директните разговори меѓу црногорскиот премиер Милојко Спајиќ и францускиот претседател Емануел Макрон, Црна Гора доби зелено светло до крајот на годината да затвори пет преговарачки поглавја во процесот на пристапување кон Европската Унија. Формализацијата на одлуката ќе се случи на Меѓувладина конференција, закажана за вторник, објави Радио телевизија Црна Гора (РТЦГ).

Покрај средбата со Макрон, Спајиќ оствари разговори и со германскиот канцелар Фридрих Мерц, со повеќе министри за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ, со тројца европски комесари, како и со претставници на институциите на Унијата. Според официјалните информации, токму овие средби помогнале да се надминат дел од застојните точки во преговарачкиот процес.

На претстојната Меѓувладина конференција се очекува Црна Гора да ги затвори поглавјата: 3 – Право на основање претпријатија и слобода на давање услуги, 4 – Слободно движење на капитал, 6 – Право на трговските друштва, како и поглавјата 11 – Земјоделство и рурален развој и 13 – Рибарство.

Иако Франција претходно, на состанок на Работната група на Советот на ЕУ – COELA, го блокираше затворањето на поглавјата 11 и 13, по директните разговори на највисоко политичко ниво дојде до промена на позицијата и одобрување за затворање на сите пет поглавја.

Министерот за земјоделство Владимир Јоковиќ претходно изјави дека Црна Гора ги исполнила сите обврски поврзани со поглавјата 11 и 13.

– Го направивме и исполнивме сето она што го побара Европската комисија, истакна Јоковиќ.

Премиерот Спајиќ на 16 декември ќе престојува во Брисел, каде по формалната церемонија за затворање на поглавјата ќе одржи заедничка прес-конференција со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и европската комесарка за проширување Марта Кос.

И претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, според информациите, бил во комуникација со државниот врв на Франција, нагласувајќи ја потребата да се обезбеди поддршка за затворање на сите пет поглавја на Меѓувладината конференција овој месец.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц, пак, изјави дека со Црна Гора треба да се започне подготовка на Договорот за пристапување во ЕУ. Тој ова го соопшти на заедничка прес-конференција со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.

– Сакам јасно да нагласам дека токму со Црна Гора, која меѓу кандидатите оствари најголем напредок, можеме да преминеме на следната фаза и наскоро да започнеме со работа на Договорот за пристапување. Тоа е и во наш интерес, бидејќи колку сме поблиску поврзани, толку поефикасно можеме заеднички да делуваме во Европа, особено кога станува збор за ограничување на нелегалната миграција – изјави Мерц.

Потпретседателот на црногорскиот парламент Борис Пејовиќ (ПЕС) соопшти дека Црна Гора до крајот на годината сепак ќе затвори пет преговарачки поглавја.

„Иако неизвесноста од изминатите денови покажа дека нема попусти кога станува збор за полноправно членство во ЕУ, резултатите се единствениот критериум што се вреднува“, напиша Пејовиќ на Фејсбук.

Тој додаде дека дилемата дали ќе се затворат три или пет поглавја јасно покажала кој искрено се залага за европската иднина на Црна Гора, а кој очекувал досегашниот напор да биде залуден.

„Во мандатот на актуелната Влада, до крајот на годинава ќе бидат затворени девет поглавја, од вкупно 12 затворени од почетокот на преговорите со ЕУ“, наведе Пејовиќ.

Со затворањето на петте поглавја, Црна Гора влегува во следната, потенцијално клучна година со 12 затворени поглавја. Целта останува до 2026 година да се затворат повеќе од 20 поглавја, со што би се создале услови за членство во ЕУ до крајот на 2028 година.

Црна Гора ги исполнила условите и за затворање на Поглавјето 31 – Надворешна, безбедносна и одбранбена политика, но одлуката за тоа претходно беше одложена на барање на Хрватска.

Земјата доби кандидатски статус за членство во Европската Унија во декември 2010 година, а пристапните преговори ги започна во јуни 2012 година. Досега се отворени 33 преговарачки поглавја.

Зачлени се на нашиот е-билтен