Србија во 2022 и 2021 година била светски првак според задолжувањата и приливот на капитал од Кина, пишува српскиот неделник „Недељник“. Србија земала вкупно 8,03 милијарди долари како кредити од Кина, вклучувајќи ги и кинеските инвестиции, со што нашиот северен сосед во изминативе две години се искачил на самиот врв во светот, се наведува во истражувањето „China Global Investment Tracker“ на Американскиот институт за претприемништво и фондацијата Херитиџ.
Податоците што ги пренесува „Недељник“ говорат дека само од 2016 до 2021 година од Кина во Србија биле инвестирани 3,03 милијарди долари од страна на кинеските компании, првенствено преку купувањето на рудникот „Бор“ во Бор и Железарата во Смедерево.
Покрај ова, од 2010 година до лани српските власти се задолжиле кај Кина со кредити во висина од речиси 14 милијарди американски долари, при што овие средства се користеле за изградба на сообраќајна и комунална инфраструктура.
На светската листа на земји кои најмногу се задолжиле кај Кина или привлекле кинески капитал во изминативе две години, после Србија на второто место се наоѓа Туркменистан, додека трета е Саудиска Арабија. По нив следат Индонезија, Холандија, Колумбија, Унгарија и Ирак.
Опсежната анализа на „Недељник“ покажува дека Србија првиот кинески кредит го земала во 2010 година, но по доаѓањето на власт на српскиот претседател Александар Вучиќ и Српската напредна партија всушност се случува драстичниот пресврт на државното раководство кон Кина.
До 2012 година за Србија најзначаен извор за капитал биле Европската Унија и Соединетите Американски Држави, од каде покрај донации, пристигнувале и кредити преку ЕУ и европските развојни банки.