Нема индикации дека Србија е загрозена од случувањата во Чернобил

Директоратот за радијациона и нуклеарна сигурност и безбедност на Србија (СРБАТОМ) соопшти дека последните случувања во нуклеарната електрана Чернобил не претставуваат закана за Србија и дека не е регистрирано никакво зголемување на радиоактивноста на територијата на земјата.

Според соопштението, вредностите на амбиенталната доза на гама-зрачење се движат во вообичаени граници, а нема ни показатели кои би укажувале на можност од неконтролирано ширење на радијација, како што беше случајот по катастрофата во 1986 година.

Повод за реакцијата е објавата на стручњаците од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), кои минатата недела завршија детален извештај за состојбата на новата заштитна обвивка (NSC) во Чернобил. Според проценката, заштитната купола, оштетена во напад со беспилотни летала во февруари 2025 година, ги загубила своите примарни безбедносни функции, односно веќе не може целосно да спречи исфрлање на радионуклиди во околината.

Сепак, МААЕ утврди дека нема трајни оштетувања на носечките конструкции, ниту на системите за надзор во рамките на куполата.

СРБАТОМ потсетува дека јавноста беше навремено информирана веднаш по нападот во февруари и дека и тогаш не беа забележани отстапувања од нормалните нивоа на радиоактивност.

Дополнително, Директоратот нагласува дека во блиска иднина не се предвидуваат активности во NSC освен тековно одржување, што под услов да не дојде до нови оштетувања во зоната на воени дејствија, практично го елиминира ризикот од ширење радиоактивност во пошироката околина.

Зачлени се на нашиот е-билтен