Во областа Папук, најголемата планина во Славонија, на истокот од Хрватска, паднаа големи количини снег, а фактот дека толку многу наврна само за еден ден е особено загрижувачки, соопшти општина Чачинци.
На самиот врв, висината на снегот надминува 70 сантиметри, додека на некои места снежните наноси достигнуваат над 150 сантиметри, поради што некои возила се целосно затрупани и речиси невидливи, објавува Index.hr.
Поради овие услови и безбедноста на сите учесници во сообраќајот, патиштата кон планинските делови на Папук се затворени за секаков сообраќај.
„Ги повикуваме сите да ја почитуваат забраната за сообраќај, да не се движат кон затворените делови и да ги следат упатствата на надлежните служби. Општина Чачинци е во постојан контакт со надлежните служби и континуирано ја следиме ситуацијата на терен“, соопшти општината.
Силна и опасна бура вчера ја зафати речиси цела Хрватска.
Бројни згради беа оштетени во Загреб, неколку лица беа повредени, од кои едно потешко, изјави во петок градоначалникот на Загреб, Томислав Томашевиќ.
40 основни и средни училишта, како и 24 градинки, беа уништени во бурата, а наставата беше откажана вчера во Загреб и Загрепската жупанија поради безбедноста на учениците, објави Томашевиќ.
Упатен е апел до граѓаните да не ги напуштаат своите домови.
Хрватскиот државен хидрометеоролошки завод (DHMZ) објави дека за време на бурата во Загреб се регистрирани налети на ветер слични на ураган кои надминуваат 115 километри на час.