Нов бојкот на продавници во Хрватска закажан за петок, ќе се протестира и во БиХ

Платформата „Хало, инспекторе“, која минатиот петок организираше масовен бојкот против високите цени на храната, најави нова акција со истата цел. Новиот бојкот е закажан за петок, 31 јануари, а сите детали ќе бидат објавени денес во 11:55 часот.

„Конечната одлука на граѓаните ќе биде позната во понеделник. Затоа решивме во „5 до 12“ да ги изнесеме сите релевантни информации. Важно е да нагласиме дека нашата платформа постои повеќе од пет и пол години, во кои постигнавме значителни резултати во едукацијата, информирањето и заштитата на потрошувачите. Ние не сме политички поврзани, ниту сме политички ангажирани. ‘Хало, инспекторе’ е единствената официјална платформа што ги застапува интересите на граѓаните и комуницира во врска со бојкотите на продавниците. Силно ги отфрламе обидите за создавање нереди и конфузија од одредени лица и организации,“ изјави за Н1 телевизија Јосип Келемен, советник на платформата „Хало, инспекторе“.

Тој додаде дека платформата нема да толерира никакви обиди за нарушување на довербата на граѓаните и потрошувачите. „Нашиот прв бојкот беше исклучително успешен благодарение на огромната поддршка од јавноста. Нема да дозволиме волјата на граѓаните да биде компромитирана,“ заклучи Келемен.

И во БиХ се подготвува бојкот на продавници

По успешната граѓанска акција во Хрватска, на социјалните мрежи во Босна и Херцеговина (БиХ) се шират повици за бојкот на продавници, бензински пумпи, кафулиња и ресторани во петок, како израз на незадоволство од високите цени и нискиот животен стандард.

Иницијаторите на акцијата ги повикуваат граѓаните тој ден да не купуваат ништо, однапред да се снабдат со неопходните намирници, да готват дома и да избегнуваат трошење во угостителски објекти.

„Ова е начин да го изразиме нашето незадоволство поради растот на цените на храната и енергијата, додека платите остануваат ниски. Еден ден бојкот може да испрати силна порака,“ стои во една од пораките што се споделуваат на социјалните мрежи, пренесува SEEbiz.

Граѓаните на интернет форумите предупредуваат дека цените на храната во БиХ се повисоки отколку во некои развиени земји како Германија, додека трошоците за живеење и натаму се неподносливи.

Претставникот на Сојузот на самостојни синдикати на БиХ, Адис Кечо, истакнува дека ваквите акции укажуваат на сериозни социо-економски проблеми во земјата.

„Добивката на работодавачите расте, додека платите на работниците остануваат недоволни за покривање на основните животни трошоци,“ вели Кечо.

Иницијаторите на бојкотот објавија дека целта на акцијата е да се изврши притисок врз властите и работодавачите за да преземат конкретни мерки за намалување на инфлацијата, зголемување на минималната плата и подобрување на животниот стандард на граѓаните.

Властите во БиХ веќе неколкупати воведуваа замрзнување на цените на основните намирници.

Зачлени се на нашиот е-билтен