Во фокусот на новиот Национален програмски документ за заштита на потрошувачите за периодот 2025–2027 година, како и на новиот Закон за заштита на потрошувачите, се ставени дигиталните права, борбата против сивата економија, двојниот квалитет на производите и зголемената транспарентност во трговијата.
Според нацрт-документот, објавен на веб-страницата на Владата и моментално во јавна расправа, се предвидуваат серија новини насочени кон јакнење на институционалната заштита на потрошувачите и прилагодување кон потребите на модерниот пазар.
Тајна купувачка и зголемен надзор
Министерството за економски развој предлага воведување на тајна купувачка како алатка за инспекциските служби – механизам што овозможува проверка на трговците без најава, со цел да се утврди дали се почитуваат законските обврски во пракса. Овој пристап треба да обезбеди пореална слика за трговското однесување и да помогне во спречување на нелегалните практики, особено во контекст на сивата економија.
Една од најважните активности во владината програма за 2025 година е донесувањето на нов Закон за заштита на потрошувачите, кој целосно ќе биде усогласен со директивите на Европската Унија (2019/770, 2019/771 и 2019/2161). Законот ќе ги покрие и дигиталните содржини и услуги, дури и оние кои се нудат во замена за лични податоци, и ќе воведе појасни правила за гаранции, квалитет и сообразност на производите.
Ќе се стави акцент и на регулирање на двојниот квалитет на производите, лажните онлајн рецензии и на транспарентноста во прикажувањето на цените – како во физичките продавници, така и на интернет платформите.
Поврзување со европските мрежи
Законот предвидува и подобрување на Централниот информационен систем за заштита на потрошувачите, заедно со јакнење на меѓуинституционалната соработка, согласно регулативата на ЕУ (2017/2394).
Покрај тоа, се планира пристапување кон европскиот Single Market Programme (SMP), што ќе овозможи проширување на инспекциските капацитети, соработка со царинските служби и користење на европските мрежи за заштита на потрошувачи како Safety Gate и CPC (Consumer Protection Cooperation).
Националниот програмски документ предвидува и активности за едукација на потрошувачите и инспекторите, поддршка на советодавните центри и развој на вонсудски механизми за решавање спорови, со цел намалување на товарот врз правосудниот систем и подобрување на пристапот до правда за потрошувачите.