Србија повторно изгуби спор пред Европскиот суд за човекови права, овојпат во случај поднесен од турска транспортна компанија, чие возило било запленето поради нелегален транспорт на мигранти – без таа да биде обвинета за кривично дело.
Според најновата пресуда, објавена на 24 јуни, државата мора да го врати камионот на компанијата „Чобантур Туризм Тиџарет ве Наклијат Лтд“, кој бил конфискуван во август 2016 година, откако граничната полиција открила дека бил користен за превоз на мигранти. Возачот бил осуден, но компанијата тврди дека не знаела за неговите постапки и никогаш не била предмет на кривично гонење.
Европскиот суд заклучил дека со заплената на возилото се повредени имотните права на компанијата, загарантирани со Протоколот 1 од Европската конвенција за човекови права. Судот утврдил дека иако заплената имала легитимна цел, мерката не била пропорционална, особено затоа што не било земено предвид дали компанијата имала вина или знаење за криминалната активност.
„Неселективната примена на законот не дозволуваше фер разгледување на однесувањето на компанијата и степенот на нејзина одговорност. Не беше обезбедена реална можност за враќање на имотот,“ се наведува во пресудата.
Компанијата неуспешно се жалела пред сите домашни судови, вклучувајќи го и Уставниот суд, пред конечно да се обрати до Европскиот суд во 2019 година. Судот пресуди дека Србија не успеала да обезбеди фер баланс помеѓу јавниот интерес и заштитата на сопственоста.
Ова е втора слична пресуда против Србија за кратко време. Минатиот месец, истиот суд наложи враќање на запленети парични средства на петмина државјани на Турција и Германија.