Ако планирате патување низ Европа и имате над 70 години, проверете ги условите за изнајмување автомобил однапред. Новите регулативи можат да значат дополнителна административна постапка, преглед или дури и целосна забрана за користење рент-а-кар услуга.
Од 22 мај 2025 година, во неколку европски земји стапија на сила нови, построги правила за изнајмување автомобили, кои директно ги засегаат возачите постари од 70 години. Иако постарите патници често избираат да изнајмат возило при патување заради удобност и независност, оваа практика сè почесто се ограничува со нови регулативи.
Во Европа, правилата значително се разликуваат од земја до земја, но трендот е јасен: се поставуваат возрастни граници, задолжителни лекарски прегледи или дополнителни трошоци за постари возачи, во име на безбедноста и осигурителните стандарди.
Кои земји имаат ограничувања за постари возачи?
– Шпанија – За продолжување на возачката дозвола, возачите над 70 години мораат да поминат обврзувачки тест за возачки способности, со цел да се проверат нивните рефлекси и ментални функции.
– Холандија – Секој што има над 70 години мора да помине лекарски преглед пред да може да изнајми автомобил.
– Ирска – Возачите постари од 75 години мора да докажат дека во последните 4 години не биле инволвирани во сообраќајни несреќи и мораат да поминат детална медицинска проверка. Се разгледува и можноста оваа граница да се спушти на 70 години.
Дополнителни трошоци и ограничувања
Во Обединетото Кралство, на пример, се наплатуваат дополнителни трошоци за постари возачи, како компензација за зголемен осигурителен ризик. Освен тоа, некои рент-а-кар компании:
- ограничуваат пристап до посилни, поголеми или луксузни модели
- одбиваат да издадат возила на лица над одредена возраст, иако тоа не е забрането со закон
Во некои региони, постарите возачи се обврзани и да постават налепница „S“ на задниот дел од возилото – мерка која веќе почнува да се применува во повеќе земји.
Зошто постојат овие ограничувања?
Овие мерки се воведуваат поради статистички податоци кои укажуваат дека со возраста се зголемува ризикот од сообраќајни незгоди – најчесто поради проблеми со видот, намалени рефлекси или други здравствени состојби.
Сепак, многу експерти предупредуваат дека не треба сите постари возачи да се третираат исто, бидејќи голем дел од нив се уште се потполно способни и одговорни на патот.