Вишото јавно обвинителство во Зајечар ја доби анализата од судски вештаци од Белград, кои ја испитуваа реконструкцијата на исчезнувањето и убиството на двегодишната Данка Илиќ, пишува Telegraf.rs. Според нивниот извештај, сите собрани траги, изјави на сведоци и времески околности се совпаѓаат со сомневањата на истражителите.
На 16 јуни годинава се изврши реконструкција на настаните во Банско Поље, каде што на 26 март минатата година девојчето исчезнало. Осомничените, Дејан Драгиевиќ и Срѓан Јанковиќ, беа доведени од притвор за да се спроведе реконструкцијата.
„Резултатите од Националниот центар за криминалистичка форензика во Белград покажуваат дека времето, изјавите на сведоците и трагите се совпаѓаат. Сега очекуваме и анализи од Факултетот за технички науки од Нови Сад, кои ќе ги споредат фактите од теренот, сведочењата и снимките од надзорните камери“, потврди обвинителството за Курир.
Експертите од Нови Сад треба да утврдат дали возилото на осомничените го удрило девојчето, како и секунда по секунда движењето на возилото. Исто така, се проверуваат движењата на другите автомобили во близина, вклучувајќи ги оние на роднини и соседи, а се анализираат и часови снимки од надзорни камери.
Откако ќе пристигнат сите резултати, тие ќе бидат доставени на адвокатите на осомничените. Доколку нема приговори и се потврдат собраните докази, обвинението ќе се дополни и ќе се испрати до Вишото јавно обвинителство во Неготин. Меѓутоа, доколку експертите најдат наоди што се спротивни на доказите, истрагата ќе мора да почне од почеток.
Според извори блиски до истрагата, ова е една од најобемните истраги во српското судство, со учество на десетици сведоци, експерти, полиција и обвинители, вклучувајќи ја и мајката на детето.