Нови правила за становите за краток престој кај соседите: Сопствениците мора да платат данок според бројот на легла

Сите кои изнајмуваат стан на ден во Србија сега се обврзани да плаќаат данок – и тоа според бројот на легла што ги нудат. Станува збор за паушално оданочување на физички лица кои даваат приватно сместување, а данокот се пресметува врз основа на просечната плата во земјата.

Имено, според новите прописи, данокот за физичките лица што вршат угостителска дејност (како што е изнајмување апартмани) се утврдува на годишно ниво, но се плаќа квартално – односно во рок од 15 дена по завршување на секој квартал. Основата за пресметка е 5% од просечната месечна плата во Србија, множено со бројот на легла и специфичен коефициент што зависи од туристичката атрактивност на местото.

Министерството за туризам информира дека освен редовни, се спроведуваат и вонредни акции на терен со засилени инспекции, особено во туристичките центри. Целта е да се сузбие нерегистрираното работење и да се поттикне формалната регистрација на објектите.

„Бројот на пријавени угостители се зголемува, особено пред празници кога има засилена активност на комисиите за категоризација“, изјави министерот за туризам Хусеин Мемиќ.

Според даночниот советник Александар Васиќ, новите правила се однесуваат само на оние сопственици што имаат категоризирано сместување и не повеќе од 30 легла. Процесот почнува со категоризација на објектот, по што следува електронска пријава до Пореската управа во рок од 15 дена.

„Данокот е паушален, што значи дека не зависи од реално остварениот приход, туку од бројот на легла, просечната плата и локацијата. Така, обврските во Белград, Нови Сад или Златибор се повисоки отколку во помалку атрактивни места“, објаснува Васиќ.

Непријавениот приход или поднесување лажни пријави може да донесе казни од 5.000 до 150.000 динари.

Зачлени се на нашиот е-билтен