Граѓани и денеска се собираат на повеќе локации низ Србија, откако апсењата за време на протестите предизвикаа дополнителни реакции во јавноста. Најголемиот собир во Белград беше пред Палатата на правдата, каде во 10 часот започна сослушувањето на студент кој потоа беше пуштен да се брани од слобода. Паралелно, во Нови Сад граѓани се собираат пред Основниот суд, каде се одржуваат сослушувањата на младите приведени во четвртокот.
Протестите се интензивираа по инцидентите во Врбас и Бачка Паланка, кога полицијата користеше солзавец за растерување на демонстрантите, а беа забележани и факели и пиротехнички средства. Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ синоќа изјави дека при последните судири се повредени шестмина полициски службеници и дека се приведени 38 лица.
За вечерва се најавени нови собири – во Книќ во 18 часот и во Валево во 19 часот. Организаторите апелираат граѓаните да не доаѓаат на протестите без заштитни очила и кациги, поради можност од судири со полицијата.
Меѓу реакциите се издвојува и соопштението на Друштвото на социјални работници на Србија, кое остро ја осуди полициската бруталност, особено врз деца, млади и жени. Според нив, случаите на прекумерна сила врз малолетници претставуваат сериозно кршење на Конвенцијата на ОН за правата на детето. Организацијата побара институциите да инсистираат на почитување на законите и министерот Дачиќ да преземе одговорност.
Дополнително, осудено е и постапувањето кон студентката Николина Синђелиќ, за која јавноста дозна дека била изложена на закани и физичко насилство од полициски командант. Друштвото побара итна реакција од обвинителството и МВР.
Се осудуваат и изјави на поединечни политичари, меѓу кои и на лидерот на Српската радикална странка, Воислав Шешељ, кои според Друштвото придонесуваат за зголемување на тензиите во јавноста.